ВЕСТИПОЛИТИКА

ДУИ: Одлуката на Уставниот суд е опасен преседан за албанскиот јазик и правната сигурност

Одлуката на Уставниот суд поврзана со објавувањето на правилник само на македонски јазик создава исклучително опасен преседан за употребата на албанскиот јазик и за правната сигурност во земјата. Наместо прашањето да се разгледа низ призмата на уставните и законските обврски за објавување на актите и на албански јазик, судот го разгледал исклучиво материјалниот аспект на актот, реагираат од Демократската унија за интеграција (ДУИ).

Од партијата посочуваат дека уставноста не се однесува само на содржината, туку ја опфаќа и постапката, формата и почитувањето на правилата за тоа како еден акт се донесува и стапува во сила. Тие отворено прашуваат каква вредност имаат уставните правила доколку објавувањето спротивно на законските барања повеќе не е предмет на формална уставност. Според нив, Уставниот суд со оваа одлука застанал спротивно на својата досегашна практика, кршејќи ги сите норми.

Албанскиот јазик не е уставен украс туку дел од уставниот поредок, нагласуваат од партијата, додавајќи дека ова не е прашање само за еден правилник, туку за тоа дали законите важат еднакво за сите. Од ДУИ предупредуваат дека ваквите случувања не смеат да се нормализираат бидејќи отвораат пат истиот стандард утре да се применува и на други акти, порачувајќи дека ова прашање нема да заврши со вчерашната судска одлука.

Back to top button