
Демократската унија за интеграција (ДУИ) упати остри критики до Владата и Министерството за здравство по одлуката за формирање Стручна комисија за разгледување на случаите на пациенти со малигни заболувања на Универзитетската клиника за хематологија. Од опозициската партија алармираат дека во составот на оваа комисија нема ниту еден лекар Албанец, што според нив претставува продолжение на политиката за институционално исклучување.
Во своето соопштение до јавноста, од ДУИ посочуваат дека овој потег не е изолиран инцидент, туку системски тренд со кој Албанците се отстрануваат од клучните позиции на одлучување, управните одбори и раководните тела во државните институции.
„Пропаганда за правична застапеност, а во пракса моноетнички комисии“
Од ДУИ директно ги обвинија ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата ВЛЕН за свесно градење на моноетнички институции, упатувајќи жестоки критики до албанските партнери во власта.
„Ова е доказ дека Владата на ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН гради моноетнички институции, додека ВЛЕН, наместо да го брани застапувањето на Албанците, молчи и дава легитимитет на секоја дискриминаторска одлука. Оние кои го промовираа Законот за правична и соодветна застапеност како ‘историска победа’, денес не се способни да обезбедат ниту минимално присуство на Албанците во стручните комисии на Министерството за здравство. Ова е најјасен доказ дека нивните ветувања беа само пропаганда“, реагираат од ДУИ.
Од опозициската партија побараа итно преиспитување на донесената одлука и целосно враќање на уставниот принцип на правична и соодветна застапеност. Тие порачаа дека Албанците нема да прифатат да бидат третирани како невидливи во државните институции што самите ги финансираат и кои треба подеднакво да им служат на сите граѓани.
