ВЕСТИЗДРАВЈЕИМПУЛСТРЕНД

Експертите советуваат: Не мора да трчате за да останете во форма – шест кардио вежби што ги штедат зглобовите

Во време кога трчањето доживува вистински бум низ светот, експертите предупредуваат дека тоа не е единствениот начин за подобрување на кардиоваскуларното здравје. Според нова анализа на „Гардијан“, постојат повеќе алтернативи кои овозможуваат ефикасен кардио тренинг без дополнителен притисок врз колената, колковите и зглобовите.

Интересот за трчањето значително пораснал во последните години. Апликацијата „Страва“ забележала раст од 59 проценти на учеството во организирани тркачки групи и настани во 2024 година, додека маратоните во Лондон и Њујорк привлекуваат рекорден број пријавени учесници. Сепак, за лицата со повреди, хронични заболувања или едноставно оние кои не уживаат во трчањето, експертите препорачуваат други форми на аеробна активност.

Меѓу најдобрите алтернативи се брзото одење, особено на угорнини или на лента со наклон, возењето велосипед, пливањето, веслањето на ергометар, елиптичните машини и аква-аеробикот. Заедничка карактеристика на овие активности е што го зголемуваат пулсот и ја подобруваат кондицијата, а истовремено го намалуваат оптоварувањето на зглобовите.

Според спортските лекари и физиотерапевти, пливањето е една од најбезбедните форми на кардио тренинг за луѓе со болки во зглобовите, бидејќи водата го намалува притисокот врз телото. Возењето велосипед, пак, овозможува интензивен тренинг без ударите што се јавуваат при трчање.

Експертите нагласуваат дека „нискоударните“ вежби не значат и помалку ефикасен тренинг. Со правилен интензитет, тие можат да придонесат за подобрување на работата на срцето и белите дробови, контрола на телесната тежина и намалување на ризикот од хронични заболувања.

Заклучокот на стручњаците е дека најдобрата физичка активност е онаа што човек може редовно да ја практикува. За многумина тоа е трчањето, но за други подеднакво добар избор може да бидат пешачењето, пливањето или велосипедизмот – активности кои го чуваат здравјето без непотребен стрес врз зглобовите.

Back to top button