ВЕСТИЗЕЛЕНАСВЕТ

СМО предупредува: Ел Нињо може да стане исклучително силен и да трае до февруари 2027

Ел Нињо веќе е цврсто воспоставен во тропскиот Пацифик и во следните месеци се очекува дополнително да зајакне до многу силен, потенцијално исклучително силен настан, предупреди Светската метеоролошка организација (СМО). Според најновата проценка објавена на 3 септември, веројатноста феноменот да продолжи до февруари 2027 година е речиси 100 проценти.

Од СМО велат дека ова е првпат нивната прогноза за Ел Нињо/Ла Ниња да биде изразена со толку висок степен на сигурност. Причината се исклучително топлите води во централниот и источниот екваторијален Пацифик и силното согласување меѓу различните климатски модели.

Температурата на површината на океанот во регионот Niño 3.4 во последните недели достигнала 2,2 до 2,6 Целзиусови степени над просекот, додека во делови под површината на океанот во јули и почетокот на август биле измерени температури и повеќе од осум степени над нормалата. Оваа огромна количина топла вода може дополнително да го поттикне засилувањето на Ел Нињо.

СМО очекува феноменот да го достигне максимумот кон крајот на 2026 година, но неговото влијание врз климата да продолжи и во 2027.

„Овој исклучителен Ел Нињо бара исклучителна подготовка и одговор“, порача генералната секретарка на СМО, Селесте Сауло, додавајќи: „Немаме време за губење.“

Многу силен Ел Нињо може значително да ги промени режимите на врнежи и температури ширум светот и да го зголеми ризикот од суши, поплави и екстремна жештина. За периодот септември–ноември прогнозите покажуваат зголемена веројатност за натпросечни температури на речиси сите копнени подрачја во светот.

СМО, сепак, нагласува дека силата на Ел Нињо не значи дека последиците ќе бидат еднакви насекаде. Ефектите зависат од регионот, сезоната и други климатски фактори, поради што националните метеоролошки служби остануваат главниот извор за локални прогнози и предупредувања.

Back to top button