ВЕСТИСЦЕНАТРЕНД

Еми 2026: „Widow’s Bay“ со рекордни 14 награди, „The Pitt“ повторно најдобра драма

На 78. доделување на наградите Еми во Лос Анџелес, „Widow’s Bay“ стана големиот победник на вечерта, поставувајќи нов рекорд со вкупно 14 награди во една сезона, додека „The Pitt“ втора година по ред беше прогласена за најдобра драмска серија. Главната церемонија се одржа во Peacock Theater, а според Телевизиската академија и Асошиејтед прес, вечерта донесе и неколку значајни актерски рекорди.

Комично-хорор серијата на Apple TV, „Widow’s Bay“, освои шест награди за време на главната телевизиска церемонија, откако претходно доби уште осум на доделувањето на Creative Arts Emmy наградите. Со вкупно 14 статуетки, серијата го надмина рекордот што минатата година го постави „The Studio“ со 13 награди.

Покрај наградата за најдобра комична серија, „Widow’s Bay“ донесе признанија и за својата актерска екипа. Метју Рис беше прогласен за најдобар актер во комична серија, Кејт О’Флин за најдобра споредна актерка, а Стивен Рут за најдобар спореден актер. Креаторката Кејти Диполд ја освои наградата за сценарио, додека Хиро Мураи победи за режија.

Особено впечатлива беше вечерта за Метју Рис, кој покрај наградата за „Widow’s Bay“ го освои и Емито за најдобар главен актер во лимитирана серија или телевизиски филм за „The Beast in Me“. Со тоа стана првиот актер во историјата на Еми наградите што во иста година освоил две награди за главна актерска улога во две различни категории. Со претходната победа за „The Americans“ во 2018 година, Рис сега има Еми награди за главна улога во драма, комедија и лимитирана серија.

Во драмските категории, „The Pitt“ ја потврди доминацијата и втора година по ред ја освои главната награда. Медицинската драма стана првата серија по „Mad Men“ што ја освои наградата за најдобра драма во своите први две сезони. Ноа Вајли повторно беше прогласен за најдобар актер во драмска серија за улогата на доктор Мајкл „Роби“ Робинавич.

Првото Еми во кариерата го освои Реа Сихорн за главната улога во „Pluribus“. Сихорн претходно двапати беше номинирана за својата улога во „Better Call Saul“, но без победа. „Pluribus“ донесе награда и за Винс Гилиган за сценарио.

Еден од најголемите моменти на вечерта беше и петтата последователна победа на Џин Смарт за улогата на Дебора Венс во „Hacks“. Тоа беше нејзино осмо актерско Еми во кариерата, со што се израмни со Клорис Личман и Џулија Луис-Драјфус меѓу рекордерите по број на актерски Еми награди. Алисон Џени исто така стигна до осум победи, откако беше прогласена за најдобра споредна актерка во драмска серија за „The Diplomat“.

Наградата за најдобра лимитирана или антологиска серија ја освои „DTF St. Louis“, додека Сали Филд победи за главна женска улога во лимитирана серија или телевизиски филм за „Remarkably Bright Creatures“. Со 79 години, Филд стана највозрасната добитничка во оваа категорија.

„The Traitors“ третпат по ред беше прогласена за најдобра натпреварувачка реалити-програма, а „The Late Show with Stephen Colbert“ ја освои наградата за најдобра вариете серија.

Специјалната хуманитарна награда „Боб Хоуп“ му беше доделена на Мајкл Џ. Фокс за неговиот долгогодишен ангажман и поддршката на истражувањата за Паркинсоновата болест преку фондацијата што го носи неговото име.

Церемонијата ја водеше Мариска Харгитеј, ѕвездата на „Law & Order: Special Victims Unit“, која стана првата жена по 15 години што самостојно била домаќин на главната церемонија на Еми наградите. Доделувањето се одржа во Peacock Theater во центарот на Лос Анџелес и во живо се емитуваше на NBC и Peacock.

А. Ѓ.

Back to top button