Состојбата на Блискиот Исток рапидно ескалира откако вооружените сили на САД, по наредба на претседателот Доналд Трамп, трета ноќ по ред извршија масовни воздушни напади врз воени цели во Иран. Како одговор на ова, Техеран започна широк бран револуционерни и одмазднички напади со ракети и дронови, таргетирајќи нафтени танкери во стратешкиот Проток Ормуз, како и американски воени бази во Бахреин, Кувајт и Јордан, пренесува „Al Jazeera“.
Ситуацијата дополнително се заострува бидејќи вечерва во 20:00 часот по Гринич официјално стапува на сила американската поморска блокада на сите ирански пристаништа и терминали долж јужниот брег.
Петчасовно американско бомбардирање на иранскиот брег
Централната команда на армијата на САД (CENTCOM) соопшти дека последните воздушни напади траеле цели пет часа со цел да се деградира способноста на Иран за напади врз комерцијални бродови. Американските сили успешно погодија воени цели на неколку клучни локации во Иран, вклучувајќи ги пристанишните градови Бандар Абас, Бушер, Џаск, Чабахар, како и островите Киш и Кешм.
Додека траат нападите, Доналд Трамп упати директна закана дека САД се подготвени да ја „збришат“ Кух-е Коланг Газ Ла (позната како „Pickaxe Mountain“), мистериозна локација под која се сомнева дека се наоѓа скриен нуклеарен објект во близина на Натанц. Трамп исто така повторно побара од богатите заливски земји финансиски да го покријат трошокот за американската воена заштита, иако додаде дека сè уште верува оти „договор со Иран е можен“.
Жесток одговор на Иран: Погодени танкери и нападнати американски бази
Исламската револуционерна гарда на Иран (IRGC) веднаш активираше масовна одмаздничка кампања низ целиот регион:
Нафтени танкери: Два супертанкери под знамето на Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) беа погодени со ирански крстосувачки ракети во водите на Оман во Протокот Ормуз. Во нападот загина еден индиски морепловец, а осуммина се повредени.
Бахреин: Иран со ракети и дронови ја нападна американската Петта флота и базата „Ал-Џуфаир“ во Бахреин, погодувајќи складишта за оружје и сателитски центар, поради што во земјата четири пати ечеа сирените за воздушна опасност.
Кувајт и Јордан: Со дронови беше нападнат американскиот систем „Патриот“ и магацини со гориво во Кувајт. Јорданската армија соопшти дека соборила четири ирански ракети во својот воздушен простор, по што Иран истрела балистички ракети кон американска база во Јордан, испраќајќи порака до јордонскиот народ дека нападот е насочен исклучиво кон американската војска.
Скок на цената на нафтата и блокада на Протокот Ормуз
Оваа отворена војна веднаш предизвика економски потрес на глобално ниво. Цената на сировата нафта од типот „Брент“ скокна за повеќе од 9 отсто, достигнувајќи вредност од околу 81 долар по барел. Поради безбедносниот ризик, поморскиот сообраќај и премините на бродови низ Протокот Ормуз веќе се намалени за катастрофални 52 отсто.
Истовремено, во иранскиот Парламент итно беше претставен нов предлог-закон за „стратешко управување и безбедност на Протокот Ормуз“, при што иранските власти предупредија дека нема да дозволат преминување на нивните црвени линии.
