
Европската Унија и Кина постигнаа договор со кој за половина ќе се намали извозот на кинески хибридни и „плаг-ин“ хибридни возила на европскиот пазар. Ова го потврди европскиот комесар за трговија, Марош Шефчович, за време на неговата посета на Пекинг, каде оствари средба со неговиот кинески колега, објави Ројтерс.
Покрај ограничувањето на увозот на кинески автомобили, договорот предвидува и подобрување на пристапот на европските компании до кинескиот пазар, како и олеснување на кинеското лиценцирање за извоз на ретки метали кои се клучни за европската индустрија.
„Ова е далеку од крајот. Тоа е клучен прв чекор, но само прв чекор“, изјави Шефчович пред новинарите во Пекинг, барајќи опипливи резултати во економските преговори.
Посетата на европскиот комесар доаѓа во период на зголемена загриженост во Европската Унија поради огромниот трговски јаз со Кина. Според официјалните податоци, трговскиот дефицит на Унијата во однос на Пекинг достигнува над една милијарда евра дневно, што предизвикува сериозни реакции и барања за заштита на европското стопанство и автомобилската индустрија.










