АРТВЕСТИ

Без компромис и со рекорден број изведувачи: Објавена програмата за 45. Скопски џез фестивал

„Скопскиот џез фестивал програмски се занимава со проширување на поимањето за тоа што може да биде џезот, истражувачки, со поместување на границите и во потрага по нови звуци и редефинирање на современиот џез“, порачуваат организаторите, најавувајќи го 45-тото издание на оваа култна музичка манифестација која ќе се одржи од 15 до 18 октомври.

Годинашното издание доаѓа под мотото „Програма – без компромис!“, а билетите официјално ќе бидат пуштени во продажба од среда. Организаторите потенцираат дека нивната примарна цел не е додворување на масовната публика или на потребите на нашето поднебје, туку задржување на елитниот статус во Европа преку ексклузивност и отворање нови хоризонти.

Ова издание, на кое тимот не гледа како на типично јубилејно, носи рекорден број изведувачи од дури 13 земји. Речиси сите концерти се целосно ексклузивни и во овој период ќе можат да се проследат само во Скопје. Главна новина годинава е што богатата пополноќна програма ќе се одржува на истата локација – во Националната опера и балет (НОБ), каде за оваа прилика е специјално подготвена Мала сцена. Фестивалот останува горд и на својата традиција, па така и овојпат ќе биде прикажан култен музички документарец, а ќе се одржи и работилницата „Џез за деца“. Визуелниот идентитет и дизајнот на фестивалот се дело на ликовниот уметник Џоле Јовановиќ.

Програмата во Националната опера и балет ќе започне на 15 октомври со настапите на Zlatko Kaučič Kombo BC од Словенија во 20:00 часот, додека во 22:00 часот ќе свири Leonhard Skorupa New Quispel Octet. На полноќ, на Малата сцена ќе настапат Pasquale Mirra и Hamid Drake.

Следниот ден, на 16 октомври, во рамките на PUNKT INTERNATIONAL програмата, во 20:00 часот ќе настапат Eivind Aarset и Jan Bang од Норвешка, по што во 22:00 часот следуваат Skúli Sverrisson и Ólöf Arnalds од Исланд. На полноќ програмата продолжува со PUNKT LIVE REMIX и настапот на Erik Honoré и Jan Bang.

Во сабота, на 17 октомври, македонскиот Andrea Mirčeska Quintet ќе настапи во 20:00 часот, додека во 22:00 часот публиката ќе може да го проследи настапот на Nduduzo Makhathini од Јужна Африка. Пополноќната програма на Малата сцена е резервирана за Alexander Hawkins и Sofia Jernberg.

Фестивалот ќе биде затворен в недела, на 18 октомври, со концертите на São Paulo Underground во 20:00 часот и Vincent Peirani Quintet во 22:00 часот.

Back to top button