ВЕСТИПОЛИТИКА

Шасивари во пресрет на Илинден: Државата се гради врз идеалите на еднаквост, правда и заедничка иднина

Министерот за правда, Јетон Шасивари, упати честитка по повод големиот државен празник 2 Август – Денот на Републиката. Во своето обраќање до јавноста, тој истакна дека Илинден е симбол на борбата за слобода, но и трајна порака оти државата мора да се темели врз еднаквост и заедништво.

Шасивари информираше дека за време на одбележувањето на празникот на Мечкин Камен во Крушево, тој ќе биде дел од државната делегација предводена од вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, во придружба на министерот за здравство Сашо Клековски.

„Илинден не е само симбол на борбата за слобода, туку и трајна порака дека државата се гради врз идеалите на еднаквост, правда и заедничка иднина. Овие вредности и денес се темелот на нашата Република и на нашата обврска да градиме општество во кое секој граѓанин се чувствува рамноправен и почитуван“, порача Шасивари во честитката.

Министерот потсети на историските пораки од Крушевскиот манифест, кои повикуваат на обединување без разлика на вера, народност, пол и убедувања, потенцирајќи дека Република Македонија е заеднички дом на сите нејзини граѓани, а различностите се она што ја збогатува заедничката иднина.

Како заклучок, Шасивари нагласи дека вистинскиот патриотизам денес се манифестира преку почитување на владеењето на правото, заштитата на човековите права и јакнењето на довербата меѓу сите заедници во општеството.

Back to top button