ВЕСТИЕКОНОМИЈА

Блокирани уште 104 веб-страници за нелегално онлајн коцкање, вкупната бројка достигна 462

Министерството за дигитална трансформација достави нов налог до АЕК за блокирање на 104 нелегални сајтови за игри на среќа, со што вкупната бројка достигна 462.

Министерството за дигитална трансформација информира дека до Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) е доставен нов налог за блокирање на дополнителни 104 веб-страници преку кои нелегално се приредуваат онлајн игри на среќа. Со оваа најнова мерка, вкупниот број на блокирани сајтови од ваков тип се искачи на 462.

Овие активности, како што појаснуваат од Министерството, се насочени кон сузбивање на нелегалното приредување игри на среќа преку интернет и ограничување на пристапот до платформи кои работат надвор од законските прописи. Главната цел е заштита на граѓаните од ризиците поврзани со злоупотреба на лични и финансиски податоци, со посебен акцент на заштитата на малолетниците и спречувањето на нивната изложеност на онлајн коцкање.

Согласно процедурата, АЕК е должна во рок од пет дена да го проследи налогот до сите оператори на електронски комуникациски мрежи во државата. Операторите, пак, имаат обврска веднаш да постапат и да го ограничат пристапот до наведените веб-страници, при што на корисниците ќе им се прикажува соодветно известување за причината за блокирањето.

Од Министерството упатуваат апел до граѓаните да бидат исклучително внимателни и да не споделуваат финансиски податоци на непроверени платформи. Истовремено, се повикуваат родителите и старателите да посветат поголемо внимание на онлајн активностите на децата и отворено да разговараат со нив за опасностите во интернет просторот.

Back to top button