Најмалата планета во нашиот Сончев систем, Меркур, континуирано се намалува како што се лади нејзината внатрешност, а овој процес е многу поизразен отколку што научниците претходно веруваа, се наведува во најновата студија објавена во научното списание „Geophysical Research Letters“.
Карпестиот свет, формиран пред околу 4,5 милијарди години, крие траги од своето собирање во форма на специфични набори на површината. Како што огромната внатрешна топлина на планетата постепено се ослободува во вселената, нејзиното јадро се лади и се стеснува, предизвикувајќи пукање и туткање на кората. Овие геолошки формации, кои научниците ги нарекуваат „структури на собирање“, можат да достигнат висина до 1,6 километри и да се протегаат стотици километри во должина.

Скриените лузни на Меркур
Новото истражување, предводено од Гаку Нишијама од германскиот Институт за вселенски истражувања (DLR), открива дека милијардите години бомбардирање од астероиди и комети ги маскирале вистинските размери на намалувањето на планетата. Дебрисот од кратерите ги покрил пукнатините, создавајќи лажна слика за геолошката активност.
Користејќи податоци од претходната мисија „MESSENGER“ на НАСА, тимот пресметал колку набори би биле видливи доколку не биле сокриени од кратерите. Резултатите покажале дека Меркур најверојатно се намалил за 10 до 30 отсто повеќе отколку што претходно се веруваше, што значи дека радиусот на планетата се намалил за дури 11,6 километри. За споредба, досегашните проценки укажуваа на намалување на радиусот од едвај 1 до 7 километри.
Мисијата „БепиКоломбо“ доаѓа по точни одговори
Меркур е втората најгуста планета во Сончевиот систем, веднаш зад Земјата, пред сè поради своето масивно метално јадро. Разбирањето на стапката на собирање може да им помогне на научниците да откријат повеќе детали за составот на ова јадро, тектонската историја и еволуцијата на карпестите планети.
Сите досегашни теории наскоро ќе бидат ставени на тест. Европско-јапонската мисија „БепиКоломбо“ (BepiColombo), по речиси осум години патување, кон крајот на оваа година ќе позиционира два орбитери околу Меркур. За разлика од претходните мисии кои беа фокусирани претежно на северната хемисфера, новите инструменти ќе направат сеопфатни топографски мерења на целата планета, вклучително и јужната хемисфера, што конечно ќе ја открие вистинската слика за собирањето на овој мистериозен свет.
Ј. Ѓ.










