
Шест мистериозни метални сфери, кои минатиот викенд испливаа на брегот на плажата Форест (Forrest Beach) во северниот дел на Квинсленд, Австралија, најверојатно претставуваат вселенски отпад, се наведува во официјалното соопштение на Австралиската вселенска агенција (ASA) објавено на социјалните мрежи. Овие објекти, кои локалното население веднаш неформално ги нарече „вселенски топки“, според првичните проценки на агенцијата се тешки садови под притисок – контејнери наменети за складирање на гасови и течности под висок притисок, кои отпаднале од ракета при нејзиното повторно влегување во атмосферата на Земјата.
Локалните жители пријавиле дека металните сфери биле приближно двојно поголеми од кошаркарска топка. Иако вселенската агенција првично апелираше до јавноста воопшто да не се приближува до објектите, екипите на итните служби на Квинсленд во меѓувреме ги отстранија сферите од плажата и утврдија дека се безбедни. Агенцијата моментално соработува со меѓународните власти за да се лоцира од кое точно вселенско летало отпаднале „вселенските топки“ и која нација го извршила лансирањето, а официјалните лица предупредуваат дека во регионот можат да бидат пронајдени и дополнителни остатоци.
Проблемот со вселенското ѓубре станува сè посериозен предизвик
Вселенскиот отпад може да се појави во различни форми, вклучувајќи нефункционални сателити, празни резервоари за гориво или микроскопски честички од боја. Со интензивирањето на вселенските истражувања во последните децении, овој проблем бележи енормен раст. Според податоците на Вселенските сили на САД, количината на вселенски отпад што воено се следи е зголемена за повеќе од 104 проценти во периодот од 2013 до 2024 година – односно од 23.000 парчиња на дури 47.000. НАСА проценува дека во ниската орбита на Земјата кружат милиони поситни парчиња (со големина од 1 милиметар до 10 сантиметри) кои се премногу мали за прецизно следење.
„Никогаш не допирајте, не поместувајте и не подигнувајте сомнителен вселенски отпад и секогаш претпоставувајте дека е опасен сè додека не добиете поинаков совет од експертите. Веднаш оддалечете се и контактирајте ги итните служби“, изјави портпаролот на Австралиската вселенска агенција за Си-Ен-Ен.
Иако не е вообичаено ваквиот отпад да паѓа на Земјата, експертите посочуваат дека тоа се случува од време на време. Повеќето парчиња вселенско ѓубре орбитираат околу Земјата со опасна брзина која достигнува и до 29.000 километри на час, што е речиси седум пати побрзо од истрелан куршум. Иако шансите да бидете погодени од вселенски отпад на Земјата се екстремно мали – помалку од 1 во 1 трилион – во минатото се забележани инциденти. Така, во 2024 година, парче отпад од Меѓународната вселенска станица падна и погоди куќа на Флорида, а во 2023 година, мистериозен триметарски цилиндар исто така исплива на брегот на Западна Австралија.
