
Поранешниот командант на Војската на Република Српска, и обвинет воен злосторник, Ратко Младиќ, почина денеска на 84-годишна возраст додека ја издржуваше доживотната затворска казна во Хаг, објави српскиот јавен сервис РТС, а информацијата подоцна за Ројтерс ја потврди и претставник на Обединетите нации. Српските медиуми јавуваат дека Младиќ починал во затворската болница во Шевенинген по долг период на сериозни здравствени проблеми.
Младиќ беше правосилно осуден за геноцид, злосторства против човештвото и воени злосторства извршени за време на војната во Босна и Херцеговина од 1992 до 1995 година. Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија во 2017 година му изрече доживотна казна, која во жалбена постапка беше потврдена.
Најтешката точка од пресудата се однесуваше на геноцидот во Сребреница во јули 1995 година, кога силите на босанските Срби убија повеќе од 8.000 бошњачки мажи и момчиња откако ја презедоа енклавата што Обединетите нации ја имаа прогласено за „безбедна зона“. Меѓународните судови го утврдија масакрот како геноцид, најтешкото масовно злосторство во Европа по Втората светска војна.
Младиќ беше осуден и за неговата улога во повеќегодишната опсада на Сараево, во која цивилното население беше изложено на артилериски и снајперски напади, како и за прогон, убиства, терор, незаконски напади врз цивили и земање заложници.
Во последните години здравствената состојба на Младиќ значително се влошила. Српските медиуми наведуваат дека претходно претрпел мозочни и срцеви удари и дека последниот период го поминувал под медицински надзор во затворската болница.
Младиќ беше обвинет од Хашкиот трибунал уште во 1995 година, но остана во бегство повеќе од една и пол деценија. Српските власти го уапсија на 26 мај 2011 година, по што беше екстрадиран во Хаг.
Судењето започна во 2012 година, а пет години подоцна беше прогласен за виновен за најголемиот дел од обвиненијата. Од неговото апсење до смртта помина околу 15 години во притворот и затворскиот систем на Обединетите нации.
Неговата смрт доаѓа повеќе од три децении по завршувањето на војната во Босна и Херцеговина, во која загинаа повеќе од 100.000 луѓе, а над еден милион беа принудени да ги напуштат своите домови.
