ВЕСТИИМПУЛССВЕТ
Во тренд

Трамп ветува по 5.000 долари за секој полнолетен Американец доколку републиканците победат на меѓуизборите [ВИДЕО]

Американскиот претседател Доналд Трамп најави дека ќе му понуди исплата од 5.000 долари на секој полнолетен граѓанин на САД доколку Републиканската партија победи во двата дома на Конгресот на меѓуизборите во ноември – ветување што би го чинело државниот буџет над 1,3 трилиони долари, пренесува Би-Би-Си.

Трамп ја даде оваа понуда за време на партиската конвенција во Далас, Тексас, при што не изнесе конкретни детали за тоа како точно ќе функционира или како ќе се финансира ваквиот план. Единствениот услов што го постави е парите задолжително да се потрошат дома: „Не сакаме да одите во Канада за да ги потрошите парите. Не сакаме да одите во Кина или во Германија. Мора да ги потрошите парите во Соединетите Американски Држави“, порача Трамп, именувајќи ги исплатите како „дивиденди на Трамп“.

Финансирање преку царини

Со оглед на тоа што во САД има речиси 270 милиони полнолетни граѓани, вкупниот трошок би достигнал астрономски 1,3 трилиони долари. Потпретседателот Џеј Ди Венс изјави дека овие исплати би се овозможиле преку приходите собрани од обемната царинска програма на Трамп.

„Она за што зборува претседателот е суштински дивиденда за американските работници. Собираме извонредна количина приходи затоа што претседателот на САД застана против странските компании и земји кои ги искористуваа американските работници. Мислам дека ова не е контроверзна идеја“, изјави Венс за „Фокс Њуз“.

Економски притисоци и војната со Иран

Ветувањето доаѓа во период на зголемен инфлаторен притисок и раст на цените во САД, делумно предизвикани од конфликтот меѓу САД и Израел против Иран. Иранските одмазднички акции и ефективното затворање на Ормускиот Теснец – преку кој минува една петтина од светската нафта и течен природен гас – предизвикаа сериозни турбуленции на пазарот на енергенси.

Трамп претходно ги предупреди своите поддржувачи дека војната нема да заврши пред меѓуизборите и дека цените на нафтата нема да паднат дотогаш, нагласувајќи дека краткорочната економска болка вреди за да се спречи Техеран да развие нуклеарно оружје.

Правни дилеми и остри критики

Демократите го оценија ветувањето како „празно ветување“, а во јавноста веднаш се отворија прашања околу законитоста на ваквиот потег, бидејќи федералните закони во САД строго забрануваат исплати чија цел е директно влијание врз гласањето на граѓаните.

Сепак, дел од правните експерти сметаат дека ваквата најава правно може да се толкува како политичко ветување за даночни олеснувања или намалување на даноците, што е вообичаена предизборна пракса заштитена со Првиот амандман за слобода на говорот во американскиот Устав. Конечното овластување за сите буџетски трошоци во САД го има токму Конгресот, чиј состав ќе се одлучува на гласањето на 3 ноември. Како предизборен поткуп се толкува како даночно олеснување не е јасно.

Ј. Ѓ.

Back to top button