Приклучокот и зафаќањето на вода на спорната локација во Гостивар не се дел од официјалната Дозвола за користење на вода која ја поседува ЈКП „Комуналец“ – Гостивар, а водата се црпела од отворен канал. Ова се дел од клучните наоди што денеска, на заедничка прес-конференција, ги соопштија министерот за животна средина и просторно планирање Муамет Хоџа, директорката на Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) Ивана Гиновска и директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) Оливер Миланов.
Прес-конференцијата уследи по вонредниот инспекциски надзор што беше спроведен на терен по барање на Основното јавно обвинителство (ОЈО) Гостивар, со цел целосно расчистување на случајот со заболените граѓани од Полошкиот регион.
Хоџа: Очекувам и кривична и морална одговорност, со здравјето нема компромис
Министерот за животна средина, Муамет Хоџа, изрази загриженост за сите хоспитализирани и заболени граѓани, уверувајќи ја јавноста дека институциите постапуваат со сите капацитети до финално расчистување на случајот.
„Пред сè, сакам јасно да кажам дека очекувам целосно да се утврдат сите факти и околности, како и да се утврди и кривична и морална одговорност за сите кои со своето постапување или непостапување придонеле до оваа состојба. Кога е загрозено здравјето на граѓаните, не смее да има компромиси, ниту прикривање на одговорноста. Секој носител на јавна функција и секоја институција мора професионално, законски и совесно да ги извршува своите надлежности“, истакна министерот Хоџа.
ДИЖС: Водата се зафаќала од отворен канал, записникот е предаден во ОЈО Гостивар
Директорката на Инспекторатот за животна средина, Ивана Гиновска, детално ги образложи чекорите од ноќниот увид кој беше спроведен во координирана акција на повеќе надлежни служби.
„На 16 јули, по барање на ОЈО Гостивар, државните инспектори координирано со крим-полицијата, АХВ, Центрите за јавно здравје од Скопје и Тетово и претставник на ЈКП ‘Комуналец’ Гостивар, извршија увид на лице место во периодот од 19 до 23 часот. Од увидот е составен соодветен записник кој е веќе доставен до обвинителството. Дополнително, при увидот во однос на Дозволата за користење на вода за снабдување на Гостивар и селата издадена од МЖСПП, утврдено е дека предметното зафаќање на вода за кое се говори во јавноста не е составен дел од дозволата на ‘Комуналец’, а водата се зафаќа од водно тело кое гравитира во постоен отворен канал“, соопшти Гиновска.
Од МЖСПП порачаа дека и покрај тоа што државата во моментот го спроведува најголемиот инвестициски циклус за изградба на водоводни и канализациони системи низ општините, инвестициите немаат вредност доколку локалните претпријатија не постапуваат строго според законите и издадените дозволи.
