ВЕСТИИМПУЛСМАКЕДОНИЈАПОЛИТИКА
Во тренд

Што договорија Муцунски и Петрова-Чамова во Софија, а што остана спорно?

На маргините на Меѓународната конференција посветена на Коридорот 8 во Софија, министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски денеска се сретна со бугарската министерка за надворешни работи Велислава Петрова-Чамова. Разговорите, според оценката на Муцунски, биле конструктивни и водени во позитивен дух, но без приближување околу суштинските прашања што со години го оптоваруваат односот меѓу двете земји.

„Денешната средба беше конструктивна, по мое мислење во позитивен дух. Морам да бидам и апсолутно транспарентен и јасен, не е дека решивме некое суштинско прашање, позициите се сè уште многу далечни, за тоа нема никаква дилема“, изјави Муцунски по средбата.

Во фокусот биле европската интеграција на Македонија, билатералните односи и прашањето за тоа како да се воспостави попредвидлив процес во односите со Софија. Муцунски посочи дека меѓу двете страни и натаму постои висок степен на недоверба, кој од македонска страна се поврзува со досегашното искуство со билатералните барања.

„Нашите позиции се апсолутно јасни. Стратешки интерес и на Бугарија е ние да се движиме напред по европскиот пат. Но, ние сме земја која низ годините постојано се соочувала со билатерални барања. Кога ќе се затворело едно билатерално прашање, потоа се отворало ново“, рече Муцунски.

Тој повтори дека прашањата поврзани со македонскиот идентитет, јазикот, историјата и културата не треба да претставуваат пречка за европската интеграција. Според него, дијалогот е неопходен за надминување на разликите, но самото продолжување на разговорите не претставува гаранција дека спорните прашања ќе бидат решени.

Од Софија, пак, по средбата стигна порака дека Бугарија не поставува нови услови, туку очекува исполнување на веќе преземените обврски. Петрова-Чамова потврди дека Бугарија ја поддржува европската перспектива на Македонија, но побара информација за временската рамка во која Скопје планира да ги исполни обврските содржани во европскиот консензус од 2022 година.

Бугарската страна истовремено порача дека довербата треба да се гради преку конкретни чекори и исполнување на преземените обврски. Петрова-Чамова оцени дека секторската соработка меѓу двете земји е важна, но дека за напредок е потребна и континуирана политичка волја.

Средбата, сепак, не заврши со прекин на комуникацијата. Напротив, двете страни ја потврдиле подготвеноста директниот дијалог да продолжи во периодот што следува и да се разговара за прашањата од заеднички интерес, и покрај тоа што клучните разлики остануваат.

Така, средбата во Софија донесе договор за продолжување на разговорите, но не и ново решение за политичкиот спор. Во моментов, Скопје и Софија остануваат со различни позиции околу условите и патот кон продолжување на европската интеграција на Македонија, додека прашањето за довербата и натаму останува еден од главните проблеми во билатералниот дијалог.

Ј. Ѓ.

Back to top button