Ослободувањето на Груевски за „Талир 2“ ги зовре партиите: За Мицкоски правдата е задоволена, за СДСМ судството е заробено
Првостепената ослободителна пресуда за поранешниот премиер Никола Груевски и партиското седиште на ВМРО-ДПМНЕ во случајот „Талир 2“ предизвика жестоки политички реакции и обвинувања меѓу власта и опозицијата. Додека премиерот Христијан Мицкоски смета дека со ова конечно е ставен крај на долгогодишниот политички прогон, од опозицискиот СДСМ обвинуваат дека одлуката е директен резултат на партиски контролирано судство и свесен заговор за спас на Груевски.
Мицкоски: Случаите беа измислени, а ослободувањето е резултат на измените на СДСМ и ДУИ
Премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања, изјави дека ВМРО-ДПМНЕ со години била мета на агресија од претходната власт преку „измислени случаи кои не постојат, како што се Талир 1 и Талир 2“. Според него, вчерашната судска пресуда е праведна и ги исполнува очекувањата на граѓаните.
Во однос на делот од пресудата кој се однесува на Никола Груевски, премиерот одговорноста ја префрли кај претходната владина коалиција:
„Од она што можев да го прочитам од одговорот на Кривичниот совет од Основниот суд, можам да заклучам дека станува збор за последица од законските измени во Кривичниот законик донесени од претходната влада на СДСМ и ДУИ. Како резултат на тие измени, ние и претходно кажавме дека имаше и ќе следат уште многу политички амнестии. За жал, кога еднаш ќе направите грешка, таа станува правило. Но, што се однесува до ВМРО-ДПМНЕ, конечно правдата е задоволена“, дециден е Мицкоски.
СДСМ: Пресудата е печат на заробеното правосудство на Мицкоски
Од опозициската СДСМ експресно реагираа преку соопштение, тврдејќи дека Мицкоски не може да се „испере“ од скандалот со кој Груевски е ослободен, а „криминалниот имот“ на ВМРО-ДПМНЕ е пред враќање. Од партијата обвинуваат за силен политички притисок врз правосудството во изминатите две години, наведувајќи го тргањето на обвинителката Ленче Ристовска и јавното таргетирање на судиите.
Опозицијата тврди дека власта смислено ги менувала обвинителите и поставувала судии блиски до партијата за да го договори овој исход:
„Ете го резултатот денес на партизираното судство: Никола Груевски, човекот кој избега од правдата, е спасен од одговорност, а криминално стекнатиот имот на ВМРО е вратен. Дури и самата судијка што го водеше предметот укажа на недоследност кај обвинителството и неадаптирање на обвинителниот предлог по измените на КЗ. Оваа пресуда е печат на заробеното правосудство што Мицкоски самиот го создаде“, реагираат од СДСМ.
Од опозицијата дополнително прашуваат како премиерот ќе ја објасни неактивноста на институциите за екстрадиција на Груевски од Унгарија, обвинувајќи дека документите со месеци намерно „талкале“ низ институциите со цел тој да биде заштитен.
