
Северна Кореја и Русија го отворија првиот патен мост што ги поврзува двете земји, овозможувајќи им полесно да транспортираат товар и патници преку нивната граница на реката Тумен, поврзувајќи ги пограничните градови Расон и Хасан, пренесува Би-Би-Си.
Државните медиуми во Пјонгјанг објавија дека мостот ќе се користи за „размена на персонал, туризам и трговија“. Од друга страна, украинската истражувачка организација „Truth Hounds“ истакна дека мостот е наменет „првенствено за воспоставување таен воен логистички коридор“ за поддршка на Русија во војната во Украина.
Отворањето на мостот доаѓа во услови на зајакнати врски меѓу двете земји од почетокот на војната во Украина. Рускиот премиер Михаил Мишустин го опиша мостот како „нов симбол на пријателството“ кој дава моќен поттик за понатамошен развој на соработката, додека севернокорејскиот премиер Пак Тае Сонг го нарече „историски настан“. Според руската државна агенција ТАСС, капацитетот на мостот е до 300 возила и 2.323 лица дневно. Владата на Русија најави дека објектот првично ќе се користи за транспорт на товар, пред подоцна годинава да се отвори и за патнички сообраќај.
Досега меѓу земјите постоеја воздушни и железнички врски, додека единствената патна врска беше импровизирано решение со поставување дрвени штици на железничкиот мост за да можат да поминат автомобили, пренесува Ројтерс. Сателитските снимки од мај годинава покажаа дека мостот е долг еден километар и содржи нови пристапни патишта, граничен премин, придружна инфраструктура и паркинзи. Изградбата, која траеше 495 дена по низа одложувања, започна во 2025 година, по договорот постигнат за време на посетата на Владимир Путин на Северна Кореја во 2024 година.
Најнепосредното влијание од мостот би можело да биде зголемениот извоз на оружје за Русија. Истражувачите од јужнокорејската разузнавачка агенција проценуваат дека Северна Кореја веќе префрлила ракети, проектили и артилериски гранати во вредност од 7 до 14 милијарди долари користејќи бродови, а се проценува и дека околу 11.000 севернокорејски војници активно се борат во Русија. „Truth Hounds“ во својата изјава посочува дека мостот би можел да се користи и за директен транспорт на воен персонал, градежни работници и високи функционери во Русија, како и за проток на руска технологија и ресурси во спротивна насока.
Се очекува патот да се користи и за транспорт на севернокорејски работници во Русија. Иако ОН им забранува на земјите да користат севернокорејска работна сила, според јужнокорејските проценки околу 10.000 Севернокорејци веќе работат на руските градилишта и во камповите за сеча на дрвја, влегувајќи во Русија под превезот на студентски визи. Виктор Ча од тинк-тенкот Центар за стратешки и меѓународни студии (CSIS) истакна дека брзината на изградбата го одразува обемот на трговската активност меѓу двете страни, која е поттикната главно од поддршката на Северна Кореја во војници, оружје и муниција за војната на Путин во Украина.
