ВЕСТИМАКЕДОНИЈАСКОПЈЕ

Град Скопје: Градскиот парк го враќа својот сјај по невремето, продолжува санацијата на штетите

Екипите на јавните претпријатија го расчистија првиот дел од Градскиот парк од последиците на силното невреме што пред неколку дена го зафати главниот град, соопштија денеска од Град Скопје.

Како што се наведува во официјалното соопштение, во овој дел од паркот веќе се засадени нови садници, санирана е оштетената урбана опрема и просторот е повторно достапен за посетителите.

Силното невреме остави сериозни последици низ цел град, а еден од најпогодените простори беше токму Градскиот парк, каде беа соборени повеќе од 100 дрвја, пешачките патеки беа затрупани, а значителна штета беше нанесена и на урбаната опрема.

Интензивна работа во вториот дел од паркот

Од Град Скопје информираат дека во моментов интензивно се работи и во вториот дел од Градскиот парк. Таму се отстрануваат последиците од невремето, се санираат штетите, се отстрануваат старите и оштетени дрвја и се засадуваат нови садници.

„Природните непогоди не можеме да ги спречиме, но можеме да покажеме дека со заедништво, организираност и посветена работа брзо и одговорно ќе ги надминеме последиците. Изразувам огромна благодарност до сите вработени и служби кои деноноќно беа на терен, за Градскиот парк повторно да биде чист, безбеден и зелен дом на сите скопјани. Продолжуваме со работа сè додека не биде обновен и последниот оштетен дел од паркот“, стои во изјавата на градоначалникот Орце Ѓорѓиевски пренесена во соопштението.

Back to top button