
Околу 1.800 луѓе во североисточна Јапонија викендов учествуваа во необична акција за преместување на главната кула на замокот Хиросаки, тешка околу 360 тони, влечејќи ја со јажиња и ролери повеќе од два метри кон нејзината првобитна позиција, објави „Гардијан“. Акцијата е дел од долготрајната реставрација на историскиот комплекс во префектурата Аомори.
Кулата претходно била поместена за да може да се поправи камениот ѕид оштетен во силен земјотрес. Наместо објектот да биде демонтиран, јапонските инженери примениле традиционална техника позната како „хикија“, при која целата градба се поставува на шини и ролери и се преместува како целина.
Во текот на викендот, групи од по околу 80 луѓе се менувале на 30-метарски јажиња. Во саботата кулата била поместена за 1,13 метри, а во неделата за уште 1,09 метри. Учесниците ја влечеле конструкцијата во ритам, извикувајќи „со-ре, со-ре“.
1.800 Orang Geser Kastel Seberat 360 Ton di Jepang
Sebanyak 1.800 orang di Jepang bergotong royong memindahkan kastel bersejarah seberat 360 ton sejauh lebih dari dua meter.
Bangunan tersebut dipindahkan utuh menggunakan teknik tradisional Jepang hikiya, diletakkan di atas rol… pic.twitter.com/XnLhmd17GN
— Sputnik Nusantara (@Spt_Nusantara) August 25, 2026
Интересот за акцијата бил многу поголем од очекуваното. Градските власти добиле околу 8.000 пријави за 1.800 места, односно повеќе од четири пати повеќе заинтересирани отколку што можеле да примат. Меѓу учесниците имало луѓе од цела Јапонија, како и посетители од Југоисточна Азија, Европа и Северна Америка.
Ова не е првпат жителите директно да учествуваат во преместувањето на замокот. Во 2015 година истата техника била применета за да се оддалечи кулата од оштетениот ѕид. Тогаш тоа било првото „граѓанско“ преместување на замок со техниката „хикија“ и прва ваква операција во Јапонија по околу еден век.
Камениот ѕид бил целосно обновен во декември 2024 година, при што 2.185 камења биле вратени на своите оригинални позиции. Сега започна обратниот процес, кулата постепено да се врати на старото место.
До крајот на август, околу 4.100 луѓе треба симболично да ја поместат кулата вкупно пет метри. Потоа преостанатите околу 73 метри ќе бидат поминати со помош на механизација до крајот на годината.
Замокот Хиросаки е еден од само 12 замоци во Јапонија што сè уште имаат оригинална главна кула и единствениот таков објект во регионот Тохоку. Комплексот бил завршен во 1611 година, но првобитната кула изгорела во 1627 година по удар на гром во складиште со барут. Денешната кула била изградена во 1810 година.
Замокот денес е една од најпознатите туристички атракции во северна Јапонија и за време на сезоната на црешовите цветови привлекува околу два милиони посетители годишно. Поради реставрацијата, повторното отворање на кулата за туристи се очекува дури во 2033 година.
Д. Д.


