
Опозициската СДСМ преку соопштение ја обвини Владата и високите владини функционери за ширење паника и недоверба кај граѓаните, поради необјавувањето на официјалните резултати од анализата на водата во Гостивар.
Од партијата посочуваат дека со недели наназад јавноста слуша противречни изјави од премиерот Христијан Мицкоски, министрите Златко Тошковски и Панче Клековски, како и од директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов. СДСМ потсетува дека на почетокот никој не реагирал на анализите, дозволувајќи „цел град да се отруе“, по што следеле низа различни тврдења без ниту еден официјален документ.
Во соопштението се нагласува хаосот и контрадикторноста во изјавите. Опозицијата потсетува дека додека Тошковски најавувал дополнително хиперхлорирање (процес во кој водата е забранета за употреба) и тврдел дека водата може да се користи како техничка, министерот Клековски изјавувал дека во водата има бактерии. Понатаму, иако Клековски најавил дека првите резултати ќе бидат готови дури на 20 август, водата била пуштена за пиење шест дена порано, придружена со здравица од Стојанче Ангелов кој пред камерите ја прогласи за „вкусна“.
Според СДСМ, вака изгледа управувањето со криза според Мицкоски и актуелната власт, бидејќи до денешен ден нема изјава од стручно лице, овластена институција за контрола, ниту пак јавно објавен документ кој потврдува дека водата е исправна.
„Ако е сè исправно – зошто ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски не го објават документот и со тоа ја затворат целата работа? Зошто со недели ништо не се објавува, а во општеството нормално се јавува несигурност и недоверба? Очигледно документ или нема, или не смеат да го покажат“, децидни се од СДСМ.
