АРТВЕСТИ

Почина режисерот и драматург Кирил М. Петрески

Македонската културна и театарска јавност остана без режисерот и драматург Кирил М. Петрески, кој почина на 55-годишна возраст (1971–2026). Тажната вест ја соопштија од НУЦК „Марко Цепенков“ – Театар „Војдан Чернодрински“ од Прилеп, каде Петрески работеше како драматург и режисер од 2013 година, оставајќи значајна трага и препознатлив печат во развојот на македонскиот театар.

Кирил Петрески дипломирал на Катедрата за театарска режија при Факултетот за драмски уметности во Скопје во класата на професорот Слободан Унковски. Неговата дипломска работа била претставата „Фарса за храбриот Науме“ од Русомир Богдановски, со што го најавил својот богат и плоден креативен пат.

На сцената на прилепскиот театар „Војдан Чернодрински“ тој ги постави претставите „Уште една за по пат“, „На трета мајка“, „Духот…“, „Сатирикон или големата гозба“, „ММЕ кој прв почна“, „Роберто Зуко“, „Четвртата сестра“, „Малиот принц“, „Маратонците го трчаат почесниот круг“, „Сонот на Цепенков“, „Како се станува цар“, „Хамлет од Горно Дупени“, „Демократија“ и „Ученикот“. Со претставата „Четвртата сестра“ зеде учество и на реномираниот Македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“.

Покрај прилепскиот ансамбл, Петрески соработуваше и твореше и на други сцени низ државата. Во кумановскиот театар ги режираше „Варијации: диви пајки“ и „Не играј на Англичани“, со која исто така беше дел од официјалната програма на МТФ „Војдан Чернодрински“ во 2010 година. Во охридскиот Народен театар „Григор Прличев“ ја постави претставата „На дното“ според делото на Максим Горки.

Колективот на НУЦК „Марко Цепенков“ упати искрено сочувство до семејството, блиските, колегите и соработниците на Кирил Петрески, истакнувајќи дека неговото прерано заминување е огромна загуба за прилепскиот и за целокупниот македонски театар.

Back to top button