Уметничка акција „Нема правда!“: Калимеро осамна во Скопје како симбол на македонските ЕУ блокади и нефункционалниот систем
Центарот за современи уметности реализираше нова уметничка акција во Скопје, поставувајќи скулптура на култниот цртан лик Калимеро на плоштадчето кај „Ким“ на булеварот „Партизански одреди“. Креативната интервенција, која е дело на групата „Урбани уметнички акции“, има за цел да ја пренесе препознатливата порака „Нема правда!“ и да потсети на две различни, но тесно поврзани неправди со кои се соочуваат македонските граѓани.
Од една страна, уметничката акција и скулптурата на Калимеро гласно зборуваат за Македонија, која со години се соочува со бројни неправди и блокади на својот пат кон Европската Унија. Но, од друга страна, уметниците констатираат дека, иако за државата нема правда во процесот на евроинтеграциите, правда всушност нема ниту во самата Македонија.
Обичниот граѓанин како Калимеро во борба со институциите
Недоволното владеење на правото, корупцијата, нефункционалното судство и слабите институции се меѓу клучните забелешки што Европската Унија со години ги упатува кон државата која е заглавена на својот пат кон ЕУ. Токму затоа Калимеро во оваа акција гласно се спротивставува на ваквата состојба и потсетува дека без правда нема ниту достоинствен живот, ниту европска иднина.
Во одредена смисла, овој лик всушност го претставува обичниот македонски граѓанин кој секојдневно се соочува со неправди – од бавно и неефикасно судство, преку системска корупција, па сè до проблеми во здравството, образованието и јавната администрација како места каде што владее неправдата. Пораката на оваа акција е едноставна: сите ние сме Калимеро, кои со години ја бараме правдата, додека сè почесто останува чувството дека за обичниот човек таа е целосно недостижна.
Поттик за јавна дебата или масовно заминување од државата
Преку оваа уметничка интервенција во јавниот простор, организаторите сакаат да поттикнат широка јавна дебата за тоа дали правдата конечно ќе стане реалност во македонските институции, но и во самиот однос на Европската Унија кон Македонија, наместо да остане само празно ветување.
Уметниците испраќаат и сериозно предупредување до креаторите на политиките. Во спротивно, исто како и анимираниот лик Калимеро кој на крајот од секоја епизода секогаш некаде заминува, сè повеќе македонски граѓани ќе бидат принудени својата среќа, достоинство и правдата да ги бараат надвор од границите на сопствената држава.










