
Истакнатиот македонски џез вокалист, Џон Илија Апелгрен, ќе одбележи 40 години континуирана музичка кариера со јубилеен концерт кој ќе се одржи на 31 октомври во Македонскиот народен театар (МНТ), соопштуваат организаторите на настанот.
Музичкиот настан насловен „40 лета музика“ претставува ретроспективен преглед на неговото творештво. Репертоарот ќе опфати материјали од неговите вокални почетоци со рок групата „Деус“ во 1984 година, настапите на фестивалот „Макфест“, како и изведби од серијата концерти „Музичка прошетка“ со композиции на француски, португалски и шпански јазик.
Публиката ќе има можност да слушне и дел од композициите на маестро Драган Ѓаконовски Шпато, џез стандарди од репертоарот на Френк Синатра, како и премиерни изведби на авторски дела на самиот Апелгрен. Специјално за оваа пригода ќе бидат изведени и композиции напишани од македонскиот џез пијанист и аранжер Гордан Спасовски, кој е задолжен за сите музички адаптации на концертот.
На сцената во МНТ, Апелгрен ќе биде придружуван од џез комбо бенд и гудачки квартет. Како специјален гостин е најавен познатиот џез контрабасист Мартин Ѓаконовски, кој бил член на „М2“ – првиот џез состав со кој Апелгрен почнал да настапува во овој жанр. Концертот во Големата сала на МНТ е закажан со почеток во 20:00 часот.
