
Државниот врв и лидерот на опозицијата утре традиционално ќе го одбележат националниот празник 2 Август – Денот на Републиката, со присуство на различни локации низ државата. Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ќе го предводи чествувањето во Скопје, премиерот Христијан Мицкоски ќе биде во Пелинце, додека централната прослава во Крушево ќе помине без собранискиот спикер Африм Гаши, но со присуство на претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
Сиљановска-Давкова во Скопје, Мицкоски во Пелинце
По повод националниот празник, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ќе се обрати пред споменикот на Методија Андонов-Ченто на плоштадот „Македонија“ во Скопје. Во рамки на одбележувањето, таа ќе положи цвеќе пред спомениците на Никола Карев, АСНОМ и Методија Андонов-Ченто.
Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, ќе присуствува на одбележувањето во Меморијалниот центар АСНОМ во Пелинце. Настанот започнува во 09:00 часот, а во неговите рамки премиерот ќе има свое обраќање.
Милошоски наместо Гаши на Мечкин Камен
Централната прослава на Мечкин Камен во Крушево годинава ќе се одржи без претседателот на Собранието, Африм Гаши. Иако според државниот протокол кој ротира секоја година тој требаше да одржи говор, Гаши нема да присуствува бидејќи ќе учествува на Светската конференција на претседатели на парламенти во Каиро, Египет. Наместо него, на прославата во Крушево ќе зборува потпретседателот на Собранието, Антонио Милошоски.
Филипче на одбележувањето во Крушево
Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ), Венко Филипче, празникот ќе го чествува во Крушево. Во 09:00 часот тој ќе даде изјава за медиумите пред споменикот „Македониум“, по што ќе положи свежо цвеќе на гробот на Никола Карев, на Споменикот на хероите на месноста „Слива“ и на Мечкин Камен. Воедно, Филипче ќе присуствува и на панихидата за паднатите херои во храмот „Свети Никола“ во градот.
Ј. Ѓ.





