
Концертот насловен „Минимални хоризонти“, на кој беше претставена авторска музика за пијано и електронска трака на композиторката Ана Пандевска во изведба на пијанистката Дуња Иванова, се одржа на 3 октомври во албанскиот главен град, соопштуваат од Македонскиот културно-информативен центар во Тирана.
Спојот на пијаното со електронскиот звук на публиката ѝ понуди несекојдневно музичко доживување и можност да се запознае со современото македонско музичко творештво. Изведбата, која бара прецизна усогласеност на живиот настап со електронската трака, била проследена со големо внимание и аплаузи од присутните.
Интересот за музиката и за творечкиот процес продолжил и по завршувањето на официјалниот дел, при што гостите останале да разговараат со Пандевска и Иванова, споделувајќи ги своите впечатоци и поставувајќи прашања за претставениот проект.
Со овој музички настан, Македонскиот културно-информативен центар во Тирана ја продолжува својата тековна програма за промоција на македонските уметници и современото македонско творештво пред публиката во соседна Албанија.
