ВЕСТИСВЕТ

Украинa погоди руски авион на Крим, смртоносни руски напади во Краматорск и Запорожје

Воените дејствија на фронтот Русија-Украина продолжуваат со несмален интензитет. Додека украинските сили извршија нови напади врз руски воени цели на Крим, руската армија возврати со воздушни и дронски напади врз цивилна инфраструктура во Краматорск и Запорожје, при што има загинати и повредени цивили.

Оперативци на Главната разузнавачка управа на Министерството за одбрана на Украина (ХУР) во текот на ноќта погодија руски авион на привремено окупираниот Крим, соопштија од управата.

Според информациите од украинските разузнавачи, степенот на оштетувањето на леталото сè уште се проценува, а нападот бил реализиран симболично по повод Денот на военото разузнавање на Украина. Украинските одбранбени сили во изминатите 24 часа погодиле и низа други воени цели, меѓу кои и железнички мост над Севернокрамскиот Канал, пренесе Укринформ.

Во меѓувреме, најмалку две лица загинаа, а четири се повредени во руски воздушен напад врз Краматорск извршен утринава. Според информациите од Регионалното обвинителство во Доњецк, руските сили извршиле четири удари користејќи бомби „ФАБ-250“, при што биле директно погодени станбени згради во центарот на градот. Во своите домови животот го загубиле двајца мажи на возраст од 45 и 66 години, додека со сериозни повреди се здобиле уште еден маж и три жени. Локалните власти информираат дека се оштетени три згради и повеќе возила, по што е покрената и официјална истрага за воено злосторство.

Паралелно со нападите во Доњецк, руските сили извршија и напад со дронови врз Запорожје. Како што информираше Иван Федоров, копретседател на Регионалниот совет за одбрана на Запорожје, во овој напад е оштетена станбена зграда при што се повредени три лица кои веднаш биле згрижени во медицински установи. Поради сериозноста на оштетувањата на фасадите и улиците, сообраќајот во градскиот кварт Днипровски е привремено ограничен. Претходно во текот на ноќта, при друг руски дронски напад беше оштетен и делумно уништен голем трговски центар лоциран во градот.

Back to top button