ВЕСТИМАКЕДОНИЈАРЕПУБЛИКА

Ќе се реконструира спортската сала „Македонија“ во Прилеп

Спортската сала „Македонија“ во Прилеп ќе биде целосно реконструирана, а за проектот е предвидена инвестиција од 180 милиони денари, објавија денеска медиумите повикувајќи се на информации од Министерството за спорт.

Проектот е дел од Програмата за изградба, реконструкција и санација на спортски објекти за 2026 година. Целта е да се обезбедат современи услови за спорт, тренинг и рекреација за младите, спортистите и љубителите на спортот.

Салата се наоѓа на улицата „Цане Кузмановски“ во Прилеп и е изградена во 1978 година. Во 1993 година била зафатена од пожар, по што била обновена и реконструирана неколку години подоцна. Објектот денес е во незадоволителна состојба и не се користи целосно за намената за која бил изграден.

Според проектната документација, по реконструкцијата салата ќе има 1.959 седишта за публика, распоредени во 15 реда од двете страни на теренот. Предвидени се посебни влезови за публиката, професионалните спортисти и корисниците на рекреативните содржини, како и соодветни пристапи за лицата со попреченост.

Просторот за игра е проектиран според димензиите на ракометно игралиште, со должина од 40 метри и ширина од 20,33 метри, додека висината до највисоката точка изнесува 13,90 метри.

Салата е наменета за спортски и рекреативни активности во повеќе спортови, меѓу кои ракомет, одбојка, куглање, кик-бокс, борење и мал фудбал.

Најавата за реконструкцијата доаѓа по претходните најави за решавање на проблемот со спортската инфраструктура во Прилеп. Во септември годинава, министерот за спорт Борко Ристовски изјави дека за 2027 година е планирана реконструкција на салата „Македонија“, со инвестиција поголема од 150 милиони денари, по што објектот требаше да му биде предаден на користење на Општина Прилеп.

Во денешната објава, реконструкцијата е вклучена во програмата на Министерството за спорт за 2026 година.

Back to top button