ВЕСТИИМПУЛСМАКЕДОНИЈА
Во тренд

Реакција на граѓани: Tуристи несоодветно облечени се качуваат по ѕидовите на познатата црква во Маврово

Фотографии од странски туристи кои несоодветно облечени се качуваат по ѕидовите на познатата црква „Св. Никола“ во Маврово, предизвикаа реакции и револт на социјалните мрежи. Граѓанин упати јавен апел до локалните и државните институции, барајќи итна заштита на овој значаен духовен и културен објект.

Според објавата која масовно се споделуваат, се забележуваат туристи кои пристигнуваат со комбиња и се однесуваат кон храмот како кон рекреативна зона, качувајќи се директно на објектот во облека која е несоодветна за црковен простор.

„Ова не е плажа ниту базен“

„Ова не е плажа, не е базен и не е место за вакво однесување“, се вели во јавниот апел кој кружи на интернет. Граѓаните прашуваат каде се надлежните служби и дали воопшто постои контрола на однесувањето на посетителите околу овој објект.

Иницијаторите на апелот нагласуваат дека туристите од Германија, Холандија и од сите други земји се секогаш добредојдени, но децидни се дека секој посетител мора да го почитува местото, верата, културата и традицијата.

„Светите места не се туристички реквизит. Тие се наше наследство и наша обврска е да ги заштитуваме“, се додава во реакцијата, во која се посочува дека ваквото неконтролирано качување може да доведе до дополнително физичко оштетување и рушење на самиот храм.

Се бара итна интервенција од институциите

Преку објавата директно се повикуваат Градоначалникот на Општина Маврово и Ростуше, комуналните инспектори, полициските службеници надлежни за подрачјето, Управата на Националниот парк Маврово, како и институциите за заштита на културното наследство.

Од нив се бара итно да извршат увид на лице место и да утврдат:

Кој го дозволил ваквото однесување;

Дали се прекршени прописи или правила за заштита на објектот;

Дали е направена материјална штета;

Кој е одговорен за контролата на просторот.

Граѓаните бараат, доколку се утврди прекршување на законите, да бидат преземени соодветни санкции против сторителите.

„Не бараме ништо повеќе од она што треба да важи за секој граѓанин и секој турист: почитување на светото место и почитување на законот. Ако сакаме Маврово да биде сериозна туристичка дестинација, мора да имаме ред и контрола“, порачуваат револтираните граѓани, повикувајќи ги институциите јавно да информираат за преземените мерки.

Back to top button