
Разговорот за личните финансии и висината на платата останува една од најнезгодните дилеми во љубовните врски, каде што прераното отворање на темата создава впечаток на материјален интерес, додека предолгото одложување носи ризик од планирање иднина со личност чии финансиски навики воопшто не се познати, пренесува британскиот сервис Би-Би-Си во анкета спроведена меѓу млади луѓе во Њујорк.
Дел од младите сметаат дека прецизните цифри воопшто не мора експлицитно да се соопштуваат. Дваесет и петгодишната Вила Мортон, вработена во продажба во ИТ-секторот, наведе дека партнерите воопшто немаат потреба да си ги откриваат точните износи на платите, бидејќи стандардот може лесно да се процени според начинот на живот и секојдневните трошоци. Таа објасни дека нејзиниот партнер заработува повеќе од неа како основач на компанија, посочувајќи дека меѓу нив постои непишано правило тој да ги покрива поголемите сметки од околу 200 долари за вечери, додека таа плаќа за поситни трошоци како кафе.
За разлика од неа, други испитаници сметаат дека влегувањето во официјална врска е пресудната граница кога треба да се разговара за заработката, навиките на трошење и евентуалните долгови. Алекса Лудато посочи дека таквиот муабет би го направила исклучиво откако врската ќе стане официјална, а со тоа се согласува и нејзиниот пријател Вик Сундерај, кој нагласи дека прашањето за плата на првите неколку состаноци би го доживеал исклучително негативно и би го сметал за знак дека таа личност не е соодветна за него. Сличен став изнесе и дваесет и шестгодишната Бриџит Шурдут, која порача дека прашање за висината на примањата на почетокот на запознавањето за неа претставува класичен „црвен аларм“ што би значел крај на гледањето, нагласувајќи дека амбицијата и работната етика ѝ се далеку поважни од моменталната цифра.
Искуствата покажуваат дека дури ни долгите врски не гарантираат финансиска транспарентност, па така дваесет и шестгодишната Емили Морета сподели дека со своето момче се заедно две години, но сè уште не си ги соопштиле точните плати, заклучувајќи дека за тоа веројатно ќе разговараат дури кога ќе решат да живеат заедно. Од друга страна, тренерот за врски и состаноци Кејт Менсфилд советува дека финансиските разговори треба да почнат многу порано отколку што луѓето мислат. Според Менсфилд, уште на првите средби партнерите треба отворено да ги споделат своите погледи кон трошењето, заштедите, дарежливоста, животниот стил и финансиската независност, со оглед на тоа што токму овие елементи фундаментално ја одредуваат компатибилноста меѓу двајца луѓе.
