
Принцот Лоран од Белгија (62), помладиот брат на актуелниот крал Филип, и официјално го призна 26-годишниот Клемент Ванденкерхове за свој биолошки син. Со овој правен акт, младиот продавач на автомобили автоматски ја добива титулата принц на Белгија и станува легитимен наследник на имотот на својот татко.
Според светските медиуми, признавањето на татковството било формализирано пред матичар уште пред шест месеци, но деталите дури сега и се откриваат на јавноста.
ДНК-тест и тајна чувана со години
Клемент е плод на врската меѓу принцот Лоран и фламанската пејачка и модел Ирис Ванденкерхове, попозната во јавноста како Венди ван Вантен. Нивната романса се одвивала пред бракот на Лоран со принцезата Клер во 2003 година.
Новиот принц дознал за својот вистински идентитет кога имал 16 години, а четири години подоцна самиот стапил во контакт со принцот Лоран. На предлог на принцот, двајцата направиле ДНК-тест кој потврдил 99,5% биолошко совпаѓање. Ова доведе до неодамнешното официјално признавање кое ја редефинира сликата за белгиското кралско семејство.
Титула без државна плата и кралски должности
Иако Клемент сега е полноправен член на кралското семејство и законски наследник на личниот имот на Лоран (заедно со неговите три полубраќа и полусестра), неговиот нов статус доаѓа со одредени ограничувања:
Според законот од 2013 година, финансирана поддршка од државата добиваат само монархот и директниот наследник на престолот. Клемент нема да добива државна плата и ќе продолжи да се издржува од сопствената работа.
Тој нема да има никаква формална улога ниту репрезентативни обврски во име на кралското семејство.
Иако има право да го преземе кралското презиме Сакс-Кобург (Saxe-Coburg), Клемент изјавил дека е силно приврзан кон презимето на својата мајка и засега не планира да го менува.
Овој случај силно потсетува на скандалот со таткото на Лоран, поранешниот крал Алберт Втори, кој по долга судска битка и ДНК-тест во 2020 година мораше да ја признае уметничката Делфин Боел како своја вонбрачна ќерка, која потоа стана принцеза Делфин од Сакс-Кобург.
А. Ѓ.
