
Театарот за деца и младинци од Скопје синоќа во рамки на драмската програма на Фестивалот „Охридско лето“ ја изведе претставата „Која е Лорет“, работена по текст на Флоранс Кадије, во режија на Драгана Милошевски-Попова.
Претставата ја обработува темата на идентитетот, припадноста и прифаќањето на различностите преку ликот на Лорет – девојче со Даунов синдром, прикажано не низ призмата на нејзината состојба, туку преку сите животни улоги што ги има – ќерка, сестра, ученичка, пријателка, актерка, режисерка и сликарка.
Преку нејзините средби со семејството, врсниците и околината, претставата ги поттикнува најмладите да размислуваат за идентитетот, емпатијата и прифаќањето, испраќајќи порака дека секое дете има право да биде видено, сакано, прифатено…
Во претставата настапуваат Ана Левајковиќ Бошков, Мики Анчевски, Винета Дамческа Мојаноска, Петар Стојанов, Анастасија Ласовска и Вања Стојановиќ.
Драматизацијата е на Милена Деполо, сценографијата и костимографијата ги потпишува Ирина Сомборац, а музиката е на Сашко Костов.
