ВЕСТИЕДНАКВИМАКЕДОНИЈА

Мрежа за заштита од дискриминација: Најостра осуда за насилничкиот говор во Собранието

Мрежата за заштита од дискриминација најостро го осуди засилувањето на навредливиот и насилнички говор, како и насилството врз жените во политиката во рамките на Собранието. Како што се наведува во нивното официјално соопштение, во време кога јавноста речиси секојдневно сведочи на врсничко насилство, булинг и суровост меѓу младите, пратениците, министрите и функционерите мора да бидат свесни за тежината на својата функција, бидејќи тие се јавни модели чие однесување децата директно го пресликуваат.

Од Мрежата предупредуваат дека институциите го губат својот легитимитет да бараат ненасилство од младите доколку самите во законодавниот дом го произведуваат, нормализираат и легитимираат истото без никакви последици.

Загрижувачки тренд: Жени во политиката користат родово понижувачки речник кон други жени

Граѓанските организации ставаат посебен акцент на загрижувачкиот тренд на употреба на родово понижувачки квалификации кон жените во политиката, но и на фактот што ваквиот јазик сè почесто го употребуваат и самите пратенички.

„Феминистичките организации со децении се бореа за повеќе жени во Собранието, Владата и на другите места на одлучување — се бореа жените да бидат гласот на оние што се исклучени и да внесат повеќе еднаквост, солидарност и одговорност во политиката. Не се бориме жените да добијат место во институциите за да го преземат најлошото од шовинистичката политичка култура и да го насочат кон други жени. Партиската припадност не може да биде оправдување за отсуство на женска солидарност и за учество во јавното понижување на жените“, реагираат од Мрежата за заштита од дискриминација.

Етичкиот кодекс на Собранието не смее да биде само документ за фотографирање

Во соопштението се потсетува дека Собранието пред само неколку дена го промовираше новиот Кодекс за етичко однесување како „темел на новата парламентарна култура“, кој експлицитно забранува шовинистички јазик и обврзува на аргументирана дебата. Сепак, однесувањето на терен е во директна спротивност со принципите со кои Собранието јавно се пофали.

Од Мрежата за заштита од дискриминација упатија децидно барање до сите избрани функционери, а особено до раководството на Собранието, да го сочуваат угледот на институцијата. Тие порачаа дека дигнитетот на законодавниот дом не се брани со свечени говори и промоции, туку со итна одговорност, постапување и јасни последици за сите оние кои го погазуваат донесениот кодекс.

Back to top button