Костадинов по кривичната пријава: Нема да дозволам да ми го уриваат угледот, правдата ќе ја докажам на суд

По поднесената кривична пријава против Костадин Костадинов за злоупотреба на службената положба, поранешниот градоначалник на Струмица, преку социјалните мрежи порача дека е подготвен да одговори за секоја своја постапка, тврдејќи дека сите одлуки за време на неговиот мандат биле носени исклучиво според законите и утврдените процедури.
Реакцијата уследи откако СВР Струмица до Основното јавно обвинителство поднесе кривична пријава во која го товари Костадинов дека во 2022 година легализирал дивоградба во селото Куклиш врз основа на фалсификуван елаборат. Според МВР, со тој потпис тој му овозможил на едно физичко лице незаконски да откупи повеќе од 860 квадратни метри државно градежно земјиште, притоа целосно игнорирајќи го извршниот налог за уривање од надлежен инспектор и правосилните пресуди донесени од Вишиот управен суд.
Во своето јавно обраќање, Костадинов нагласи дека подолг период е цел на неосновани обвинувања диктирани од интриги и дневно-политички интереси. Целта на ваквата кампања, како што посочува тој, е да се донесе пресуда во јавноста уште пред да бидат разгледани неговите аргументи и докази. Тој појаснува дека досега молчел исклучиво по совет на неговиот правен тим и од почит кон институциите, најавувајќи дека својата одбрана ќе ја води исклучиво таму каде што се докажува вистината.
Поранешниот градоначалник апелираше до медиумите за одговорно известување, а од јавноста побара почитување на презумпцијата на невиност, предупредувајќи дека однапред донесените пресуди ја уништуваат правната држава. Истовремено, тој направи паралела со актуелните случувања во земјата, критикувајќи го селективното спроведување на правдата и потсетувајќи на случајот со „50 тони фатена нелегална марихуана“.
На крајот, Костадинов упати остро предупредување до сите што намерно се обидуваат да му наштетат нему и на неговото семејство, особено на неговото новороденче. Тој порача дека овие обиди за уривање на неговиот личен авторитет нема да бидат заборавени и дека ќе бара строга одговорност пред институциите за секој јавно изговорен збор.
