
Нова капитална инвестиција вредна 6 милиони евра за изградба на фабрика за производство на еластични огради во село Мешеишта е во тек, соопшти градоначалникот на Општина Дебрца, Златко Сиљаноски, на прес-конференција организирана преку Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ. Оваа инвестиција се очекува да донесе нови работни места и значително да ја зајакне локалната економија.
Презентирајќи го отчетот за сработеното во изминатата година, Сиљаноски информираше дека се реализирани или се во напредна фаза над 51 отсто од проектите зацртани во неговата четиригодишна програма. Меѓу клучните инфраструктурни зафати се посочени реконструкцијата на улици и патишта во повеќе населени места. Истакнати се проектите во Оровник (инвестиција од 11,5 милиони денари), Волино со реконструиран Дом на културата (6,5 милиони денари) и локалниот пат Мешеишта – Волино во вредност од 15,5 милиони денари. Асфалтирани се и патни правци и улици во Злести, Ботун, Лешани, Издеглавје, како и во Долно Средорече, Годивје и Лактиње.
Во делот на комуналните услуги, градоначалникот истакна дека ЈКП „Дебрца“ е трансформирано со набавка на нова механизација. Обезбеден е камион за смет како донација од град Виена, купен е нов трактор со дополнителна опрема (2,6 милиони денари), специјална машина за чистење канализација и нови возила, а исплатени се и долгови за струја за пумпните станици во висина од 5,5 милиони денари. Дополнително, во фаза на изградба е нова каптажа во месноста Опчели – Караорман со која трајно се решава водоснабдувањето за шест села, а во Белчишта се гради противпожарна станица за доброволното друштво „Ентузијаст“.
Според информациите од општината, воведени се и низа социјални и образовни мерки. Секој жител до 21 година добива 20.000 денари субвенција за полагање возачки испит, а локалните продавници добиваат месечна поддршка од 10.000 денари. За поттикнување на наталитетот, се доделуваат 100.000 денари за трето дете, по 6.000 денари за прво и второ, како и 30.000 денари за млади брачни парови. Сите 178 ученици добиле бесплатни училишни униформи, а првачињата добиваат по 10.000 денари и опремен ранец. Исто така, воведен е бесплатен јавен превоз за сите граѓани секоја недела на релација од секое населено место до соседниот Охрид.
На прес-конференцијата беше потенцирано и дека, според извештајот на Центарот за економски анализи, Дебрца бележи скок од 25 проценти во даночната транспарентност, вбројувајќи се во топ пет општините со најголем напредок во државата.
