
Холивудската актерка Кристина Еплгејт, најпозната по улогите во хит-сериите „Венчани со деца“ и „Мртов за мене“ (Dead to Me), откри дека цели пет години живеела со погрешна дијагноза за мултиплекс склероза (МС). Во најновата епизода од нејзиниот поткаст „Messy“, таа низ солзи сподели дека веста воопшто не ја израдувала, бидејќи нејзините секојдневни исцрпувачки симптоми сè уште се присутни и се влошуваат.
„Не добивате погрешна дијагноза за одеднаш да ви биде подобро. Ако ништо друго, сега сум полошо“, изјави Еплгејт, додавајќи дека по долгата пауза земена за да ја процесира оваа информација, сега се чувствува изгубено. „Повторно сум на самиот почеток и не знам што се случува со мене“.
До пресвртот дошло неодамна, кога нејзиниот лекар предложил да се прекине со инфузиската терапија за МС за да се следи реакцијата на телото. Откако организмот не изреагирал на начин карактеристичен за оваа автоимуна болест, лекарите направиле дополнителни испитувања и заклучиле дека таа всушност нема мултиплекс склероза. Еплгејт се присети на моментот кога докторката влегла во собата и ѝ рекла: „Честитки, немаш МС“, нагласувајќи дека додека сите околу неа биле среќни, таа воопшто не била.
Гостин во поткастот беше и д-р Марва Кајсеј, која појасни дека погрешните дијагнози за МС не се реткост бидејќи симптомите се недоследни и не постои универзален тест. Според неа, дури едно од пет лица на кои им е кажано дека имаат МС, всушност ја немаат болеста. „Ова не е тест за бременост кој директно ви кажува ‘да’ или ‘не’. Се работи за листа на критериуми“, појасни докторката.
Еплгејт првично ја доби дијагнозата во август 2021 година. Оттогаш, таа јавно зборуваше за тешката борба, користењето бастун и инвалидска количка за време на снимањата, како и за паѓањето во длабока депресија каде призна дека повеќе не ужива во животот. Истражувањето за тоа што навистина ги предизвикува нејзините тешки симптоми ќе започне следната недела.

