
„Овој фанзин е љубовно писмо до текстовите на Фолтин. Мала тетрарка со текстовите што останале со нас и не направиле да се чувствуваме помалку осамени“, истакна студентката Анисија Џуровска, чиј дизајн победи на натпреварот за новата колекција „ФОЛТИН ГАРДЕРОБЕР“.
Во годината кога одбележува три децении постоење, познатиот македонски бенд оствари соработка со Brainster Next College.
Во рамките на овој проект, студентите го изработија новиот официјален веб-сајт на групата, претворајќи го своето студентско портфолио во реален проект за бендот.
Инспирирани од музиката и визуелниот свет на бендот, студентите од програмата за графички и UX/UI дизајн создадоа осум различни авторски решенија за мерч. Тимот на Фолтин ја имаше тешката задача да избере само еден, при што победата ѝ припадна на Џуровска, чии креативи ќе станат дел од идните приказни на нивната колекција облека. Како награда, таа добива и ваучер со влезници за ексклузивниот настан со кој ќе се затвори прославата за јубилејот.
Од бендот најавуваат дека триесетте години дружење со публиката ќе се слават малку подолго од една вечер, потенцирајќи дека концертот во Хераклеа бил само загревање. За претстојното финале на прославата откриваат само дека ќе биде ексклузивно и создадено да се доживее со сите сетила.
Ј. Ѓ.
