Крушево центар на европскиот параглајдинг: 130 пилоти во битка за титулата на небото над Мечкин Камен

Крушево деновиве повторно живее со параглајдингот како домаќин на 18-тото Европско првенство, еден од најзначајните меѓународни настани во дисциплината „Раragliding Cross Country“. Натпреварувањето, кое трае од 8 до 19 август, собра 130 пилоти од 38 земји, а заедно со нивните тимови и придружниот персонал, во градот престојуваат над 200 учесници, информираат организаторите на овој голем спортски настан.
Според информациите, главното полетување се одвива од Мечкин Камен, додека слетувањето и завршувањето на задачите се распоредени на соодветни слетувалишта во поширокото подрачје, во зависност од дневните услови за летање. Претставникот на организацискиот одбор и претседател на Светскиот параглајдинг куп, Горан Димишковски, потенцира дека ова првенство е силна потврда за квалитетот што го нуди Крушево како меѓународна дестинација.
„Организацијата на Европското првенство во Крушево е потврда за квалитетот што го нудиме, но и поттик за понатамошен развој. Со изградбата на новите полетувалишта создаваме услови и во иднина да бидеме домаќини на големи меѓународни настани. Крушево не е само летачка локација, туку целата локална заедница, угостителите и атмосферата што ги пречекува гостите“, истакна Димишковски.
Паралелно со првенството, продолжува развојот на инфраструктурата преку ИПА прекуграничниот проект меѓу Северна Македонија и Албанија, преку кој се градат две нови полетувалишта на Црн Врв. Настанот го организираат клубовите „Paragliding Club Extrema“ и „Delta Paraglider Club“ во име на Воздухопловната федерација на Македонија, со поддршка од Општина Крушево и локалната Туристичка организација.
Спортското лето во Крушево продолжува со силно темпо, бидејќи веднаш по европското, од 24 август градот ќе биде домаќин и на Светското јуниорско првенство во параглајдинг.


