Сопругата на шефот на Нвидија со децении ја избегнуваше јавноста, сега е во центарот на скандалот
Лори Хуанг повеќе од четири децении беше далеку од медиумското внимание, додека нејзиниот сопруг Џенсен ја градеше една од највредните технолошки компании во светот. Сега нејзиното име се најде во центарот на скандалот што ги отвори и прашањата за иднината на Нвидија.
Сопругата на извршниот директор на Нвидија, Џенсен Хуанг, Лори Хуанг, која повеќе од 40 години е во брак со еден од највлијателните луѓе во технолошката индустрија, се најде во центарот на вниманието по признанието на сопругот дека бил неверен. Нејзината приказна ја објави „Њујорк тајмс“ во текст на новинарите Ерин Грифит и Дон Кларк.
За разлика од сопрузите и сопругите на другите милијардери од Силиконската Долина, Лори Хуанг со години внимателно го избегнувала јавниот простор. Додека Џенсен стануваше глобална деловна ѕвезда, неговото лице се појавуваше на насловните страници, а неговите препознатливи кожени јакни станаа дел од неговиот имиџ, таа остануваше во заднина.
„Њујорк тајмс“ потсетува на една вечер во ноември 2021 година, кога Џенсен Хуанг присуствувал на свечена вечера на Здружението на полупроводничката индустрија во Сан Хозе, каде што му било доделено највисокото признание на организацијата. Тој пристигнал со Лори, но додека новинарите се собирале околу него, таа останала настрана.
Сега ситуацијата е поинаква. Џенсен Хуанг, во порака до вработените во Нвидија, призна дека имал афера со кинеската деловна директорка Алис Хуанг, за која американските разузнавачки служби утврдиле дека собирала информации за Пекинг. Тој им се извинил на сопругата и на нивните две деца, признавајќи дека ги повредил со своето однесување.
„Бев неверен на сопругата. Моите постапки ја повредија неа и нашите деца. Нема оправдување за тоа“, напишал тој во пораката.
Признанието предизвика последици што ги надминуваат семејните односи. Случајот отвори прашања за националната безбедност, корпоративното управување и можноста кинеските разузнавачки структури да се обиделе да дојдат до информации поврзани со една од најважните компании во глобалната индустрија за вештачка интелигенција.
Управниот одбор на Нвидија отвори внатрешна истрага, но соопшти дека засега нема причина да верува дека биле компромитирани националната безбедност или деловните тајни на компанијата.
„Њујорк тајмс“ наведува дека признанието на Џенсен Хуанг ја ставило неговата сопруга во особено чувствителна позиција. Нивниот брак трае 41 година, а Лори има 64 години. Таа не одговорила на барањето на весникот за коментар, додека Нвидија одбила да даде изјава.
Лори не била само сопруга на успешен претприемач. Таа имала сопствена професионална кариера во технолошкиот сектор. Двајцата се запознале во почетокот на 80-тите години, кога студирале инженерство на Државниот универзитет во Орегон. Џенсен бил нејзин лабораториски партнер на предмет поврзан со основите на електротехниката.
По дипломирањето и стапувањето во брак, се преселиле во Силиконската Долина, каде што и двајцата работеле како дизајнери на микрочипови. Лори работела во „Силикон графикс“, компанија за хардвер и софтвер, каде што, според изјавите на нејзиниот сопруг, заработувала повеќе од него во периодот кога тој работел во „ЛСИ Лоџик“.
Пред основањето на Нвидија во 1993 година, Лори се откажала од својата кариера за да се посвети на воспитувањето на нивните деца, Спенсер и Медисон. И двајцата подоцна се приклучиле на Нвидија, како и сопругот на нивната ќерка, Нико Капрез.
Лори и Џенсен се поврзани и преку значителен дел од семејното богатство. Таа е претседателка на фондацијата „Џен-Хсун Лори Хуанг“, која во 2024 година располагала со средства од околу девет милијарди долари, вклучително и шест милијарди долари во нови фондови.
Според финансиските документи цитирани од „Њујорк тајмс“, повеќе од половина од акциите на Нвидија што ги поседува Џенсен Хуанг се наоѓаат во труст во кој тој и сопругата се заеднички управители. Лори е и единствен управител на друг труст кој поседува акции на Нвидија во вредност од околу пет милијарди долари.
Фондацијата поддржувала културни и образовни проекти, меѓу кои и донации за Операта во Сан Франциско, како и обезбедување компјутерски капацитети за универзитети и непрофитни организации.
И покрај огромното богатство и влијанието на семејството, Лори ретко давала интервјуа и не ја промовирала јавно својата филантропска работа. Редовно го придружувала сопругот на конференции, свечени вечери и јавни настани, но речиси секогаш останувала надвор од центарот на вниманието.
Во својата порака до вработените, Џенсен Хуанг побарал неговото семејство да не биде изложено на дополнителен притисок поради неговите постапки.
„Моето семејство нема никаква одговорност за моите одлуки. Одговорноста е моја. Ве молам, дајте им приватност“, напишал тој.

