
Македонскиот игран филм „17“, долгометражното деби на режисерката Косара Митиќ, оствари уште еден грандиозен успех на меѓународната сцена. На свечената церемонија одржана вчеравечер, 16 јули, во Ерусалимската кинотека, филмот ја освои престижната GWFF награда за најдобар меѓународен дебитантски филм во рамките на 43. издание на Филмскиот фестивал во Ерусалим (Jerusalem Film Festival), кој важи за најважниот кинематографски настан во Израел.
Наградата е финансиски поддржана од Германското здружение за заштита на филмски и телевизиски права (GWFF), а за победникот одлучуваше реномирано меѓународно жири во состав: Корина Харфух, Марк-Беноа Креансие и Јона Розенкиер.
„Суров, бескомпромисен и силен уметнички удар“
Во своето официјално образложение за доделувањето на ова значајно признание, стручното меѓународно жири не штедеше пофални зборови за македонското остварување:
„Наградата за најдобар дебитантски долгометражен филм му припаѓа на филмот ’17’ на Косара Митиќ. Станува збор за суров, бескомпромисен и силен уметнички удар. Филм исполнет со гнев и исклучително вешта кинематографија, кој го предводи неверојатно талентирана режисерка и извонредна актерска игра. Филмот прикажува едно долго премолчувано насилство со кое конечно мора да се соочиме.“
Ова големо признание доаѓа по исклучителниот почеток на фестивалскиот пат на „17“. Во февруари годинава, филмот ја доживеа својата светска премиера во официјалната натпреварувачка програма „Перспективи“ на 76. Меѓународен филмски фестивал во Берлин (Берлинале). Со тоа, „17“ стана првиот дебитантски македонски игран филм во изминатите 26 години кој успеал да се натпреварува во официјална компетиција на еден од трите најголеми светски фестивали (Берлин, Кан, Венеција).
Копродукција со силна актерска екипа
Филмот „17“ е македонско-српско-словенечка копродукција, финансиски поддржана од Агенцијата за филм на Северна Македонија, Филмскиот центар на Србија, Словенечкиот филмски центар и СЕЕ Синема Нетворк (SEE Cinema Network).
Сценариото го потпишуваат Косара Митиќ и познатиот хрватски автор Огњен Свиличиќ, а главните улоги ги толкуваат младите актерки Ева Костиќ и Мартина Даниловска. Продуцент на филмот е домашната куќа „Црна Мачка Продукција“, во копродукција со „Арт&Попкорн“ од Србија и „Децембер“ од Словенија. Меѓународната продажба на филмот ја застапува француската агенција „Тотем Филмс“.
Останатата актерска екипа ја сочинуваат: Жаклина Стефковска, Ана Стојановска, Даме Јовески, Оливер Митковски, Александра Пешевска, Симеон Дамевски, Ева Стојчевска, Ирена Димеска, Тодор Стојковски, Иво Јездиќ и Алина Христовска.
