Телеграф: АфД има план за радикално преобликување на ЕУ, се заканува и со излез на Германија од Унијата
Партијата на Алис Вајдел бара враќање на клучните надлежности во националните парламенти и влади, слабеење на институциите во Брисел и можност за референдум за членството на Германија во ЕУ.

Германската радикално-десничарска партија Алтернатива за Германија (АфД), претстави план за темелна промена на функционирањето на Европската Унија, кој британскиот весник „Телеграф“ го опишува како план за нејзино уништување. Планот предвидува значително ограничување на овластувањата на европските институции и пренесување на одлучувањето во рацете на националните влади и парламенти.
Копретседателката на АфД, Алис Вајдел, го претстави документот во Европскиот парламент во Стразбур на 21 октомври, барајќи суштинска промена на односите меѓу европските институции и земјите членки.
„ЕУ повеќе не е заедница на суверени држави. Одлуките мора повторно да ги донесуваат националните парламенти и влади“, порача Вајдел, според пренесените извештаи.
Според предлогот на АфД, Европскиот парламент во сегашната форма би бил заменет со собрание составено од претставници што би ги испраќале националните парламенти, наместо европратениците да се избираат непосредно од граѓаните. Европската комисија, пак, би била сведена главно на административна и координативна улога, додека клучните одлуки би ги носеле владите на земјите членки.
Планот предвидува и промени во работата на Судот на правдата на ЕУ, поголема предност на националното законодавство во одредени области, како и можност за отстапување од заедничките европски политики. АфД бара и намалување на буџетските придонеси на Германија, промени во функционирањето на еврото и укинување на дел од мерките на ЕУ за климатската политика.
Вајдел најави дека, доколку не се прифатат барањата за реформи, партијата ќе се залага за референдум за членството на Германија во Европската Унија. Тоа би значело отворање на прашањето за таканаречен „Декзит“, по примерот на британскиот Брегзит.
Германската новинска агенција ДПА, чии информации ги пренесе и германскиот весник „Велт“, потврди дека предлогот на АфД предвидува укинување на непосредните избори за Европскиот парламент и ограничување на овластувањата на Европската комисија.
Од АфД, сепак, тврдат дека целта е реформирање на Унијата, а не нејзино напуштање како прв чекор. Според Вајдел, партијата се залага за Европа во која суверените држави ќе соработуваат, но ќе задржат поголема контрола врз националните политики.


