ВЕСТИЕДНАКВИИМПУЛС

Меѓународен ден на белиот стап: Помагалото е само почеток, клучот е во пристапната средина

Самостојното движење низ градот не треба да биде прашање на храброст, туку стандард на секоја современа заедница. Токму оваа реалност е во сржта на Меѓународниот ден на белиот стап, кој се одбележува денеска, 15 октомври, под мотото „Правото на независно живеење, од бел стап до пристапна средина“. Наместо протоколарно потсетување на предизвиците со кои се соочуваат слепите и слабовидните лица, годинашниот фокус директно укажува дека основното помагало не значи ништо доколку пред него стојат урбани, дигитални и институционални бариери, истакнуваат од организациите за заштита на правата на лицата со оштетен вид.

Белиот стап повеќ од еден век претставува основно средство за ориентација и мобилност, но и глобален симбол на независноста и слободата на движење на лицата со оштетен вид. Сепак, современиот концепт на човекови права бара поместување на фокусот од поединецот кон општествената одговорност. Правото на независно живеење не завршува со доделувањето на тифлотехнички помагала, туку започнува со отстранувањето на урбаните пречки, ослободувањето на узурпираните тротоари, поставувањето функционални тактилни патеки и обезбедувањето звучна сигнализација на пешачките премини.

Покрај физичката пристапност во јавниот простор и сообраќајот, секојдневната борба за рамноправност на лицата со оштетен вид денес ја вклучува и пристапноста до институциите, образованието, пазарот на трудот и дигиталните услуги. Економската независност, достапноста на веб-страниците и софтверите за читање на екран, како и навремената и квалитетна лична асистенција, се клучните алки кои овозможуваат слепите и слабовидните лица да бидат активни и продуктивни чинители во заедницата, наместо пасивни корисници на социјална заштита.

Меѓународниот ден на белиот стап официјално се одбележува секоја година на 15 октомври уште од 1964 година. Одбележувањето на овој датум претставува потсетник за институциите и за сите граѓани дека пристапната средина не е привилегија, туку основно човеково право и предуслов за достоинствен и самостоен живот на секој поединец.

Back to top button