Македонскиот музички состав Foolish Green ја преработи познатата песна „Месечина“ на групата Фолтин, давајќи ѝ сосема ново прозвучување, енергија и сопствен музички сензибилитет. Оваа музичка соработка претставува 13-та епизода од иновативниот проект „Foltin Re:Composed“.
Според утврдениот концепт на проектот, премиерното емитување на секој нов сингл се одвива секое понеделничко утро на радио мрежата Метрополис (Metropolis Radio Network), во рамки на емисијата „Маја за подварок и менопауза“ со водителката Маја Казакова. Истиот ден, песните стануваат достапни на сите дигитални музички платформи (DSP), дистрибуирани благодарение на издавачката куќа Filter Label.
Фолтин најавуваат дека по завршувањето на оваа серија на дигитални музички објави, целиот албум „Re:Composed“ ќе биде објавен и во физички формат на винил, во соработка со Password Production. Визуелниот идентитет на проектот го потпишува познатиот дизајнер Зоран Кардула, додека за анимацијата е задолжен Гоце Веселиновски.
