ВЕСТИДИГИТАЛИМПУЛСИТ

Научниците ги забрзаа операциите на квантните компјутери за 1.000 пати

Истражувачите од Технолошкиот универзитет Чалмерс (Chalmers University of Technology) во Шведска открија нова метода која ги забрзува напредните операции на квантните компјутери за повеќе од 1.000 пати, се наведува во студијата објавена во престижното научно списание „Physical Review Letters“. Овој напредок го намалува процесот од неколку илјади повторувачки контролни циклуси на само еден, што претставува клучен чекор кон создавање сигурни квантни компјутери отпорни на грешки.

Квантните компјутери поседуваат огромен потенцијал за трансформација на криптографијата, енергетската технологија, вештачката интелигенција и откривањето нови лекови, но во моментов се екстремно чувствителни на најмали нарушувања од околината. Електричниот шум, космичката радијација и прегревањето можат да предизвикаат губење на информациите, а колку подолго трае една операција, толку е поголем ризикот.

Заштита на деликатните кјубити

„Основните градежни блокови на квантните компјутери, познати како кјубити, се толку чувствителни што дури и најмалото нарушување може да предизвика отстапување и губење на информацијата. Ако се акумулираат премногу грешки пред да можат да се поправат, пресметката пропаѓа“, објаснува Леи Ду, истражувач по применета квантна физика на Чалмерс и главен автор на студијата.

За да ја заштитат квантната информација, научниците користат пристап наречен „бозонски квантни кодови“. Наместо да ги складираат информациите во поединечни кјубити, оваа метода ги чува во микробранови полиња внатре во суперспроводливи кола, што обезбедува посилна заштита од одредени типови грешки.

Квантни порти како „Лего коцки“

Работењето со овие состојби традиционално барало водење на системот низ илјадници циклуси, но новата стратегија на истражувачите користи таканаречени „квантни решеткасти порти“ кои дејствуваат како кратенки.

„Можете да си го замислите тоа како градење голем замок од Лего коцки. Наместо да го составувате тула по тула и да ризикувате грешки по пат, овие квантни порти дејствуваат како однапред изградени Лего модули кои можат да се поврзат брзо и ефикасно“, појаснува Тангјоу Хуанг, коавтор на истражувањето.

Техниката е особено погодна за суперспроводливи квантни компјутери, што е водечката технологија на која во моментов се базира и развојот на новиот квантен компјутер со 100 кјубити на самиот универзитет Чалмерс. Авторите на студијата веќе разговараат за експериментална реализација на нивната метода во блиска иднина.

Back to top button