ВЕСТИВИИМПУЛС
Во тренд

Мета ќе користи содржини од веб-страници и деловни профили на Фејсбук и Инстаграм за развој на ВИ

Мета воведува нови правила за содржини од поврзани веб-страници и деловни профили на Фејсбук и Инстаграм за развој и тренирање на ВИ.

Новите деловни услови на „Мета“ отвораат можност компанијата да презема и да користи содржини од веб-страници поврзани со деловни профили на нејзините платформи, вклучително и медиумски портали, за развој и тренирање на системите за вештачка интелигенција. Промените треба да стапат во сила на 30 октомври 2026 година, а според анализата на „Ниман џурнализм лаб“, тие би можеле да ги опфатат издавачите што користат деловни профили на Фејсбук, Инстаграм или Ватсап.

Според новите одредби, „Мета“ се овластува да користи автоматизирани алатки, како веб-роботи и пребарувачи, за пристапување, индексирање, преземање, анализа и чување содржини од домени и веб-страници поврзани со производите или услугите на деловните корисници. Условите предвидуваат собраните содржини да можат да се користат за обезбедување, развој, подобрување, истражување и тренирање на производите и услугите на компанијата.

Меѓу засегнатите би можеле да бидат и медиумите што ги користат деловните алатки на „Мета“ за управување со своите страници, објавување содржини и промовирање на текстовите. Тоа отвора прашања за авторските права, контролата врз новинарските содржини и можноста тие да се користат за развој на системи за вештачка интелигенција без посебен договор за лиценцирање.

„Мета“ тврди дека не ја менува досегашната практика

Од компанијата велат дека промените претставуваат обединување на одредби што претходно биле распоредени во различни услови за користење и дека не ја менуваат досегашната практика за пристап до веб-страниците.
Портпарол на „Мета“ изјавил дека целта е да се овозможи пристап до точни информации за производите што се продаваат на надворешни веб-страници, за нивно користење при препораките за содржини и огласи. Компанијата негира дека измените се насочени кон преземање новинарски содржини за тренирање на ВИ.

„Мета“ наведува и дека сопствениците на веб-страниците и понатаму можат да го контролираат пристапот на автоматизираните алатки преку датотеката robots.txt, која им овозможува на веб-администраторите да одредат кои роботи смеат да пристапуваат до нивните страници.
Сепак, правни експерти консултирани од „Ниман џурнализм лаб“ предупредуваат дека формулацијата во новите комерцијални услови е доволно широка за да отвори правни спорови околу тоа дали договорните одредби на „Мета“ можат да имаат предност пред техничките ограничувања поставени од издавачите. Не е утврдено како судовите би ги толкувале овие одредби, ниту дали тие би биле применливи во сите случаи.

Медиумите пред избор: прифаќање на условите или откажување од деловните алатки

Според објавените услови, деловните корисници што не се согласуваат со измените треба да престанат да ги користат производите на „Мета“ за деловни или комерцијални цели. Во објавените информации не е наведена посебна опција со која корисниците би можеле да ги прифатат другите деловни услови, а истовремено да ја одбијат дозволата за пристап до поврзаните веб-страници.

За медиумите, прашањето е особено значајно бидејќи нивните веб-страници содржат оригинални новинарски текстови, фотографии, анализи и други материјали што бараат време и ресурси за создавање. Доколку тие содржини се користат за развој на ВИ-системи, се отвора прашањето за условите под кои се преземаат и дали издавачите треба да добијат надомест за нивната употреба.

Новите услови стапуваат во сила на 30 октомври 2026 година. Дотогаш, издавачите и другите деловни корисници ќе треба да ги разгледаат договорните одредби и техничките можности за ограничување на пристапот до нивните веб-страници.

Поврзани вести

Back to top button