ВЕСТИДИГИТАЛИМПУЛС

Метеоритот кој падна на куќа во Њу Џерси содржи ретки вонземски аминокиселини

Токму на денешен ден пред две години (16 јули 2024 година), силна огнена топка го прелета небото над неколку американски сојузни држави и предизвика звучен удар над Њујорк, за на крајот еден дел од неа да пробие низ покривот на куќа во Хилсборо, Њу Џерси. Денес, научна студија објавена во списанието „Science Advances“ открива дека овој вселенски камен тежок нешто повеќе од еден килограм содржи сложени „вонземски“ аминокиселини кои се клучни за создавањето на животот и можат да го осветлат потеклото на водата во нашиот сончев систем.

Брзата реакција на сопствениците го спаси научното откритие

Вселенската карпа, со големина на тешка патничка торба, влегла во атмосферата на Земјата со брзина од околу 51.500 километри на час (14,4 километри во секунда) пред да се распадне на височина од 35,4 километри. Доплер радарот на аеродромот во Њуарк детектирал облак од фрагменти, но само еден единствен примерок бил пронајден – и тоа благодарение на фактот што пробил низ таванот на главната спална соба на една семејна куќа.

За среќа, при ударот немало повредени. Сопствениците на куќата покажале неверојатна присебност: веднаш облекле заштитни ракавици и со помош на алуминиумска фолија ги собрале црните фрагменти и прашината во стаклени тегли. Клучно било и тоа што го затвориле покривот пред да заврне дожд истата вечер, бидејќи порозниот метеорит веднаш 100% би ја впиел влагата од воздухот и би се контаминирал. Оваа брза реакција им овозможи на научниците од НАСА и СЕТИ институтот да проучат исклучително чист и сочуван примерок.

„Вонземски“ градежни блокови на протеините

Деталната хемиска анализа на метеоритот од Хилсборо покажа дека тој е редок тип на јаглероден хондрит (класифициран како CM½), кој претставува директен остаток од првите денови на формирањето на нашиот сончев систем.

„Детектиравме комплексен сет на аминокиселини, кои се основните градежни блокови на протеините, во водените екстракти од метеоритот од Хилсборо. Најголемиот дел од овие аминокиселини се исклучително ретки или воопшто не постојат во живиот свет на Земјата, што значи дека тие се со навистина вонземско потекло“, вели коавторот на студијата, д-р Дени Главин од Центарот за вселенски летови „Годард“ на НАСА.

Она што дополнително ги фасцинира научниците е дека овој примерок содржи многу поразновиден сет на аминокиселини дури и од чистите примероци кои беа донесени директно од астероидите Бену и Рјугу преку специјалните вселенски мисии на САД и Јапонија.

Прастара солена вода сочувана под површината

Истражувачите откриле и висока концентрација на натриум во метеоритот, што укажува на присуство на прастара солена вода (расол) во внатрешноста на оригиналниот астероид од кој се отцепил овој камен. Како што водата испарувала низ милионите години вселенско патување, таа зад себе оставала концентрирани минерални соли кои создавале совршена средина за синтеза на органски молекули.

Метеоритот најверојатно потекнува од внатрешниот астероиден појас меѓу Марс и Јупитер. Пред околу 6 милиони години, голем судир го уништил неговиот матичен астероид, по што ова парче завршило во орбитата во близина на Земјата, за конечно неговото долго патување да заврши во една спална соба во Њу Џерси. Денес, овие вредни фрагменти се чуваат во Американскиот музеј за природна историја во Њујорк.

Back to top button