
Премиерот Христијан Мицкоски денеска во Дебар присуствуваше на пуштањето во употреба на нов објект со социјални станови, каде симболично му ги врачи клучевите на едно од семејствата корисници. Тој истакна дека Владата ќе продолжи со инвестиции во проекти кои директно го решаваат станбеното прашање и го подобруваат животот на граѓаните, соопштуваат од Владата.
„За мене претставува посебна чест и задоволство да сум денеска тука во Дебар и симболично да го означиме пуштањето во употреба на овој станбен објект којшто ќе биде иднина на многу лица и семејства. Посакувам што подолговечно да си ги користат овие домови, а ние како Влада ќе продолжиме во периодот којшто следи дополнително да инвестираме во вакви проекти“, порача Мицкоски.
Тој упати благодарност до локалната самоуправа, градоначалникот на Дебар, директорот на надлежното претпријатие, како и до вицепремиерот и министер за транспорт за нивната посветеност во реализацијата.
Инвестиции во општините и децентрализација на буџетот
Мицкоски посочи дека наследените проблеми од минатото не можат да се решат преку ноќ, но Владата работи на приоритетите и решавање на предизвиците, набројувајќи дека само во Општина Дебар се работи на повеќе од 20 проекти.
„Македонија се гради, повеќе од 1.200 градилишта имаме ширум државата и тоа е добро. Планираме и во следната година, со децентрализирање на средства од буџетот, да финансираме проекти во општините“, нагласи премиерот во своето обраќање.
