ВЕСТИИМПУЛСМАГАЗИН

Почина легендарниот актер Патрик Стјуарт: Светот се простува од прославениот капетан Пикард

Британскиот актер почина на 86-годишна возраст во својот дом во Лос Анџелес. Зад себе остави шестдецениска кариера одбележана со култните улоги во „Ѕвездени патеки“ и „Икс-мен“.

Легендарниот британски актер сер Патрик Стјуарт почина в средата во својот дом во Лос Анџелес на 86-годишна возраст, по кратко и тешко боледување од Алцхајмерова болест и деменција со Левиеви тела. Тој ги поминал последните мигови опкружен со грижата на неговата сопруга Сани, а зад себе остави и две деца, Даниел и Софи. Оваа вест за заминувањето на прославениот филмски и театарски великан ја пренесе британскиот медиум Би-Би-Си, повикувајќи се на официјалното соопштение објавено на Инстаграм-профилот на актерот.

Во текот на својата импресивна шестдецениска кариера на филмното платно и телевизијата, Стјуарт стекна светска слава преку култната улога на капетанот Жан-Лук Пикард во серијалот „Ѕвездени патеки“. Покрај овој ангажман кој го одбележа неговиот професионален пат, тој остави неизбришлива трага и преку впечатливите улоги во блокбастерите како „Икс-мен“, „Одмаздници“ и „Логан“. Неговиот актерски пат започнал уште во училишните денови благодарение на неговиот професор по англиски јазик кој првпат го запознал со делата на Шекспир и го охрабрил да настапува, поради што при добивањето на витешката титула од кралицата Елизабета Втора во 2010 година, актерот изјави дека му должи буквално сè на својот поранешен наставник. Првиот јавен настап го забележал во локална црковна продукција на претставата „Пепелашка“, по што со голем ентузијазам се вклучил во локалниот театар рецитирајќи Шекспир по сеќавање, а подоцна станал дел од Кралската Шекспирова компанија и настапувал на Бродвеј.

По веста за неговата смрт, низа соработници изразија длабоко жалење и се простија од актерот кој е роден на 13 јули 1940 година во јоркширскиот град Мирфилд. Од студиото „Марвел“ истакнаа дека се исклучително растажени од неговото заминување, опишувајќи го како уникатен талент, великодушен соработник и вистински џентлмен. Почит му оддадоа и од англискиот фудбалски клуб Хадерсфилд Таун, чиј доживотен навивач беше Стјуарт. Од клубот го нарекоа титан на својот занает чие наследство ќе продолжи да живее, нагласувајќи дека тој секогаш бил неизмерно горд на своите јоркширски корени и дека се гордеат што го сметале за еден од нив.

Back to top button