
Премиерот Христијан Мицкоски при денешната посета на Општина Гази Баба истакна дека во моментов во државата активно се гради на повеќе од 1.200 места, што претставува силен индикатор за раздвижување на економската активност и решавање на децениските проблеми на граѓаните.
Тој посочи дека овој сложен инвестициски циклус е владин приоритет за градење на државата и обезбедување подобри услови за живот.
„Ангажирањето на домашната градежна оператива е од огромно значење. Иако не можеме преку ноќ да решиме сè што со децении не се правело, сепак мислам дека со ваквите проекти голем дел од приоритетите на граѓаните ќе бидат решени. Она што за мене како претседател на Владата е важно, е фактот дека економската активност предизвикува добри економски резултати“, порача Мицкоски.
Шест автопатски делници и нова инфраструктура
Премиерот најави силен инфраструктурен бран, потенцирајќи дека во наредниот период ќе се градат вкупно шест автопатски делници низ државата:
Скопје – Блаце: Официјалниот старт на градежните работи е закажан за 26 август, а изведувач е домашна компанија. Сите формални процедури се веќе завршени.
Букојчани – Кичево: Изградбата се очекува да започне во текот на септември.
Кичево – Охрид: Делницата од Извор до Врбјани ќе биде пуштена во употреба во втората половина на октомври, додека целосното завршување на автопатот се очекува во првиот квартал на 2027 година.
Коридорите 8 и 10д: Продолжува засилената динамика на делниците Прилеп – Битола, Тетово – Гостивар и Гостивар – Букојчани.
Покрај патната, Мицкоски најави интензивирање и на железничката мрежа. Тој посочи дека наскоро се очекува објавување на јавен повик за третата секција од источното крило на Коридорот 8, откако се надминати сите административни предизвици. Дополнително, на почетокот на следната година, по завршување на физибилити студијата, треба да започнат и активностите за Коридорот 10.
На крајот, Мицкоски упати благодарност до локалната самоуправа, ресорниот министер, пратениците и советниците за соработката, како и до граѓаните за нивното трпение, ветувајќи дека Владата максимално ќе се посвети на испорачување на ветените резултати за поквалитетен живот.
