
Економскиот раст на државата годинава ќе достигне помеѓу 3,5 и 4 отсто, а инфлацијата ќе се задржи на ниво што ќе биде меѓу најниските во регионот и во Европа. Ова се очекувањата на премиерот Христијан Мицкоски, споделени по средбата со претставниците на Светска банка одговорни за Македонија.
Премиерот потенцира дека Македонија е единствената земја во регионот каде што проценката за раст на бруто-домашниот производ (БДП) континуирано се ревидира во позитивна насока. Проекциите на Светска банка започнаа со прогноза од 2,6 отсто, потоа беа корегирани на 2,9, за најновата проценка да достигне 3,2 отсто. Сепак, Мицкоски е убеден дека финалниот резултат ќе биде повисок од овие проекции, потпирајќи се на официјалните статистички податоци од првото полугодие каде просечниот раст изнесува 3,7 отсто (со остварени 3,1 отсто во првиот и 4,3 отсто во вториот квартал).
Oчекувам да бидеме земја којашто ќе има, ако не најниска, меѓу најниските 2–3 инфлации во регионот и во Европа. И ако не највисок, тогаш меѓу првите пет со највисок пораст на бруто-домашниот производ во регионот и во Европа, истакна Мицкоски.
